Линкови за пристапност

Чуден настан во црква ја разбранува Македонија


Бројни и спротивставени оценки за прочистувањето на фреските во „Свети великомаченик Димитрија“ во Скопје.

Чудо, феномен, масовна хипноза, хемиска реакција, измама... Бројни и спротивставени се оценките за контроверзниот настан во стариот храм „Свети великомаченик Димитрија“ во Скопје, во кој во неделата, на православниот празник Цветници, од фреските на ѕидовите засега необјасниво исчезнаа наталожените наслаги од прашина и од чадот на свеќите.

Во ноќта меѓу неделата и понеденикот, црковните врати беа отворени за сите граѓани кои го доаѓаа да ја видат промената. Несекојдневната појава вчера и особено денес, ја одбележаа и македонските и странските медиуми, кои известуваа за необјаснивото самопрочистување на десетина фрески и икони, со кое боите на нив стануваа посветли, и „светнуваа“ во нов сјај златножолтите ореоли на насликаните светци, крстовите, и рабовите на светечките одежди.

Свештениците во храмот за медиумите изјавуваа дека се работи за чудо. Медиумите ја пренесоа изјавата на отец Димче Малинов, според кого, иконите „почнале да светат како да биле исчистени со невидлива рака“. Свештеникот Драги Трпески на новинарите им изјавил дека е среќен што „како свештеник и христијанин го доживеал Божјото чудо“, и потенцирал дека се работи за чудо кое е „потребно за нашиот христијански народ, оти народот ги заборава црквите во време на економска криза“. И дел од стотиците верници кои овие два дена ја посетуваат црквата сметаат дека се работи за божја порака за „да се освести православниот народ“.

Архијерејскиот заменик во МПЦ - Охридска архиепископија, отецот Драги Костадиновски, за медиумите изјави дека треба да се почека и дека пред нешто да се прогласи за „чудо“, треба да се следи неговата појава. Но, и според него „ова се случува токму оваа година, кога прославуваме 45 години од возобновената Охридска архиепископија“.

За настанот бил известен и поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, архиепископот г.г. Стефан, кој ја посети црквата но не даде официјален коментар. Промените на фрескоживописот ги виде и македонскиот премиер Никола Груевски, а според известувачите на дел од електронските медиуми, и Вселенскиот патријарх Вартоломеј се интересирал за наводното чудо во скопската црква, за време на разговорите во Истанбул, со македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

Засега нема официјален став од стручњаците за промените во бојата на фреските, но во медиумите беше најавено дека експертски тим од Конзерваторскиот центар по празникот Велигден викендов, следната недела ќе ја започне анализата на самочистењето на фрескоживописот. И додека стотици верници доаѓаат во црквата да ги видат промените на фреските кои ги прифаќаат како „божјо чудо“, дел од конзерваторите, чии мислења ги пласираат медиумите, не наведувајќи го нивниот идентитет, се скептични во поглед на мистериозноста околу настанот и сметаат дека се работи за „човечки фактор“.

Црквата „Свети Димитрија“ постоела во средниот век, но во 1690-та била напуштена, а од 1886-та до 1896-та обновена и проширена. Црквата била преосветена во 1896-та, дел од иконите во неа се стари еден век, а дел потекнуваат од периодот по скопскиот земјотрес во 1963-та. Во дворот на црквата се наоѓаат гробовите на првиот поглавар на МПЦ, г.г. Доситеј, и на поглаварот г.г. Ангелариј.

XS
SM
MD
LG