Линкови за пристапност

Стресот наводна причина за масакрот во Авганистан


Секретарот Панета во обид да го увери претседателот Карзаи дека правдата ќе го стаса водникот

Адвокатот на 38-годишниот американски војник кој се товари за убиството на 16 авганистански цивили, вели дека неговиот клиент најверојатно страдал од стрес откако видел како негов соборец ја изгубил ногата во експлозија, само еден ден пред масакрот на селаните во покраината Кандахар.

Браун наведува и дека војникот со чин на водник бил незадоволен од тоа што по четврти пат бил распореден во воена зона. Тој отслужил три мисии во Ирак, каде добил повреда на главата и загубил дел од стапалото. Според адвокатот му било речено дека нема да биде пратен на мисија во Авганистан, но дека тоа „буквално се променило преку ноќ“.

Водникот, кој се уште официјално не е обвинет, ниту пак е објавен неговиот идентитет, средата навечер бил префрлен во Кувајт. Заменик-командантот на американските сили во Авганистан, генерал-полковникот Куртис Скапароти изјави дека осомничениот бил префрлен за да се обезбеди соодветен притвор и пристап до адвокат.

Инцидентот беше во фокусот на посетата на американскиот секретар за одбрана Леон Панета на Авганистан. Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи побара американските сили да се повлечат од селата во земјата и да се релоцираат во нивните бази. Карзаи му рекол на Панета и дека мора да бидат преземени сите неопходни мерки за да се спречат вакви инциденти во иднина. Првиот човек на американската му ветил на авганистанскиот претседател дека напаѓачот ќе биде изведен пред суд.

Американски армиски претставници денес потврдија дека виш командант на САД во Авганистан бил мета на нападот што се совпадна со пристигнувањето на Панета во земјата. Тие првично го минимизираа инцидентот. Официјални лица претходно соопштија дека Авганистанец украл возило и со него се упатил кон писта на аеродромот, целејќи на група американски војници кои таму чекале да пристигне Панета, но завршил во ров по што возилото се запалило.

XS
SM
MD
LG