Линкови за пристапност

Македонските граѓани и натаму плаќаат високи камати за кредити


Каматите за кредити високи - цехот го плаќаат граѓаните
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:36 0:00

Каматите за кредити високи - цехот го плаќаат граѓаните

Северна Македонија е земја во развој и затоа нормално е каматните стапки на банкарските кредити да бидат се уште високи за разлика од оние во Европа велат експерти по економија

Каматните стапки на банкарските кредити, во Северна Македонија во споредба со земјите од ЕУ сè уште се многу повисоки и покрај ниското ниво на економска моќ во земјава, сметаат експерти. Наспроти ова каматите на штедните влогови се незначителни, а цехот од таквата ситуација ја плаќат граѓаните вели Таки Фити универзитески професор и претседател на МАНУ.

„Ако штедите во странска валута, на пример швајцарски франк вие немате повеќе од 1% или воопшто немате камата .На еврото имате 1-2% камата. Комерцијалните банки сè уште позајмуваат со релативно високи каматни стапки од 6-7% или 8%. Тоа се многу високи камати, за разлика од тоа што се случува надвор“, вели Фити.

Политичката нестабилност односно политичкиот ризик, но и корупциските афери, за професорот Фити се едни од причините за тоа. Но има и други додава тој.

„Ризиците се сè уште големи. Инвеститорите тоа го следат, иако кредитниот рејтинг на земјата последните години веќе е подобрен. Но и самиот фиксен девизен курс ги држи каматните стапки сè уште на релативно високо ниво. Ризикот во земјата, ќе влеземе ли во НАТО, иако е сигурно дека ќе влеземе во НАТО, ќе ни се даде ли датум за почеток на преговори со ЕУ. Тоа создава уште тензии“, објаснува професорот.

И за професорот Владимир Филиповски за тоа има повеќе фактори.

„Еден од факторите да речеме е оној т.н ризик на земјата или country risk, кој секогаш е во пресметките на ризиците кои треба да се вклучат при одредувањето на каматните стапки. Исто така и понудата на штедење на капитал на македонскиот пазар е помала во однос на она што се потребите за забрзан економски раст. Таквата ситуација на побарувачката и понудата генерира и повисоки каматни стапки“, истакнува Филиповски.

Професорот вели дека сите фактори кои би ги намалиле ризиците за инвестирање во реалниот и финансискиот сектор би придонеле за намалување и на каматните стапки. Покрај макроекономски и микроекономски, тие фактори вели се и од политичка природа.

Неодамна гувернерката на Народна Банка, Анита Бежоска кажа дека ако има големо намалување на каматните стапки тоа би било дестимулативно за штедење, бидејќи кај домашниот банкарски систем главен извор на финансирање на кредитите било штедењето.

Според податоците на централната банка, граѓаните на банките вкупно им должат 2,3 милијарди евра. Според некои анализи на крајот од 2017 година, 22,8% од БДП, бил вкупниот долг на семејствата кон банките во земјава.

XS
SM
MD
LG