Линкови за пристапност

Македонските и бугарските историчари не постигнаа согласност за Гоце Делчев


За Бугарската страна, Гоце Делчев самиот тврдел дека е Бугарин. Македонската страна, пак, истакна дека не може да се очекува преку ноќ да се смени ставот на бугарската историографија

Без успех заврши средбата на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања во Охрид. Нема никаков напредок во однос на ликот и делото на Гоце Делчев, каде двете страни и понатаму опстојуваат на своите ставови. Во однос на тврдењата на бугарските историчари дека Гоце Делчев бил Бугарин, претседателот на бугарската страна, историчарот, Ангел Димитров, рече дека самиот Делчев велел дека бил Бугарин.

„Тоа прашање изискува јасен одговор. Ние не тврдиме дека Гоце Делчев е Бугарин. Тоа тој го тврди. Ние ги земаме во предвид фактите и ја гледаме документацијата според која тој и не само тој туку и неговите најблиски, јасно и категорично се изјаснуваат за неговиот идентитет. Тоа не е проблем за науката, затоа што не е важно како ние ќе ја интерпретираме една личност, ако тој се интерпретирал себеси. Тој не се борел за независна, туку за автономна Македонија“, рече Ангел Димитров, историчар од Бугарија.

Идентитетот на Гоце Делчев ние не можеме да го решиме. Тоа се работи за кои постојат документи и толкувања. Идентитетот на Гоце Делчев ќе биде предмет на различни толкувања и понатаму
Драги Ѓеорѓиев, претседател на македонскиот дел од комисијата


„Овој став што го искажа колегата Димитров е став на историографијата на Бугарија, не од сега. Тоа е константен нивни став. Не може да очекуваме дека преку ноќ некои интерпретации ќе се променат или ќе се случи чудо, за да се смени тој однос кон Гоце Делчев од наша страна или од страна на Бугарија. Ние сега разговараме околу тоа да најдеме заедничка основа за славењето на Гоце Делчев. Идентитетот на Гоце Делчев ние не можеме да го решиме. Тоа се работи за кои постојат документи и толкувања. Идентитетот на Гоце Делчев ќе биде предмет на различни толкувања и понатаму“, рече Драги Ѓеорѓиев, претседател на македонскиот дел од комисијата.

Ѓеорѓиев со објаснување зошто во Охрид немало напредок во преговорите за Гоце Делчев.

„Не успеавме да постигнеме договор, дури не успеавме да постигнеме и никаков напредок во однос на претходната седница. Имаше предлози како да го формулираме текстот за значењето на Гоце Делчев и за важноста негова од современ аспект, меѓутоа не успеавме да го усогласиме тој почетен текст за важноста на Гоце Делчев. Главното несогласување беше околу почетниот текст во кој ние инсистираме, да влезе текст, за важноста на Гоце Делчев и зошто е тој важен да се чествува во двете држави. Бидејќи во тие реченици доаѓаат до израз разните историографски гледања за Гоце Делчев во двете држави и поради тоа доаѓа до несогласувања помеѓу членовите на комисијата. Се обидувавме со разни предлози тоа да го надминеме. Сепак се надевам дека можеме да дојдеме до решение и верувам во тоа“, додаде Ѓеорѓиев.


„Разговорите беа напнати. Кога сакаме да направиме еден општ текст, односно предлог за заедничко славење, ние треба да направиме сè да ги намалиме до минимум нашите различности. И тука беа разликите со нашите колеги“, рече Ангел Димитров, претседател на бугарскиот дел од комисијата.

Одредени поместувања имало само во однос на содржините во учебниците за шесто одделение во Бугарија и за седмо одделение во Северна Македонија.

„Во однос на учебниците направивме солиден чекор напред. Ги разгледувавме нашите забелешки на бугарските учебници и во добар дел успеавме да ги поминеме. Останаа уште две забелешки кои ќе бидат разгледувани на следната седница. Останаа и таму некои места за кои не се согласивме и за кои не мора да се согласиме. Некои работи остануваат неприфатливи за нашата или за нивната страна“, рече Ѓеорѓиев.


„Направивме мал напредок во однос на претставувањето на средновековието во учебниците по историја. Но, сè уште има многу сериозни работи кои не се исчистени. Не сме стигнати до согласност, но сè уште не сме почнати да ги разгледуваме нашите забелешки во однос на учебниците во Северна Македонија, а ние имаме многу тврди забелешки“, кажа Димитров.

И кај двете страни постои надеж дека би можеле да дојдат до договор на некоја од наредните средби. Сепак претседателот на бугарскиот дел од комисијата, Ангел Димитров, рече дека ако нема договор ќе застанат онаму до каде што се дојдени и оти работите тогаш ќе треба да се решаваат на повисоко, односно на политичко ниво.

Следниот состанок на мешовитата комисија треба да се одржи кон крајот на ноември во Бугарија.

XS
SM
MD
LG