Директорот на американските Федерални резерви Бен Бернанке вели дека банката поседува „различни орудија“ што може да ги искористи за да ја стимулира економијта, но не даде детали за тоа кои се тие или како би се искористиле.
Во говорот пред врвни економисти во Вајоминг, Бернанке истакна дека „поголемиот дел“ од економската политика што би го придвижила развојот, е надвор од надлежност на Централната банка. Тој истакна дека неодамнешните несогласувања на американската политичка сцена околу кревањето на границата за позајмување, владините трошоци и други прашања и` штетат на економијата и тоа преку намалување на бизнисите и довербата на потрошувачите.
Бернанке го повика Вашингтон да го помогне развојот со тоа што ќе изнајде начини да се справи со долгот, да усвои ефикасна даночна, трговска и регулативна политика.
Тој подвлече дека е неопходно да се намали долгот на долгорочен план, и ги повика законодавците да ги намалат владините трошоци, што би ја поддржало кревката економија краткорочно.
Американската економија се развила со побавно темпо споредено со април, мај и јуни, зголемувајќи ја загриженоста дека светски најголемата економија може повторно да западне во рецесија.
Во денешниот извештај на Одделот за трговија се наведува дека економијата забележала раст од еден процент во вториот квартал. Ова е дури побавно темпо од првичната проценка од 1,3 отсто.
По денешното обраќање на првиот човек на Американската централна банка Бен Бернанке, инвеститорите и експертите се во исчекување дали ќе има натамошни олеснувања на американската монетарна политика, како начин за поддршка на забавената економија.