Линкови за пристапност

Протест против три деца


Сакам да апелирам да размислат, да се најде разумно решение, за да не се соочат децата со нашите предрасуди, гнев и омраза, порача директорката Виолета Масевска Палиќ

Неколку десетици граѓани на скопската населба Визбегово вчера протестираа против дисперзираниот објект на Домот за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение од Скопје, обвинувајќи дека децата создавале проблеми во вечерните часови - доаѓале до нивните куќи и барале алкохолни пијалоци и цигари, и правеле штети врз имотот.

Се работи за три момчиња на возраст од 13 до 15 години, од Малиот групен дом, отворен на 17 октомври, чиј капацитет е вкупно пет деца.

Но, Организацискиот одбор на протестниот собир тврди дека не се протестира против децата со нарушено поведение, туку против неадекватната локација на Малиот групен дом и неорганизираноста на процесот на ресоцијализација на штитениците од Домот за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение. Жителите на Визбегово бараат итно да се прекине „непрофесионалниот, нетранспарентен и во сериозни размери - ризичен проект на Министерството за труд и работа и УНИЦЕФ“.

Учесниците на собирот потенцираа дека за отворањето на институцијата немало никаква консултација со нив, како соседи и жители на Визбегово. „Потценувачкиот однос кон жителите на населбата, покажана од страна на Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ, а дополнително и од страна на Виолета Масевска Палиќ, директор на институцијата ‘Ранка Милановиќ’, го поттикна нашиот револт кон самоволното и непринципиелно постапување во процесот на институционализирање на приватна куќа во нашата населба“.

Виолета Масевска Палиќ, директорката на трансформираните установи „25 Мај“ и „Ранка Милановиќ“, вчера ги демантираше локалните жители, со тврдење дека немало ниту една пријава до Домот или до МВР за наводни проблеми: „... Кога го напуштија својот дом, децата ни поставија едно прашање ‘Зошто соседите не нè сакаат и не нè почитуваат?’. Трите деца имаат 24-часовен надзор од стручни лица. Тука првпат добиваат топол дом и грижа кои досега им недостасувале во животот“.

Откако ја примија петицијата на жителите, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и служебници од МТСП остварија и лична средба со жителите-потписници на петицијата.

Министерката Царовска денеска изјави дека „трите деца кои вчера беа префрлени во друг дом, веќе се вратени во Малиот групен дом во Визгебово, и дека допрва ќе се одлучува дали Малиот дом ќе се дислоцира, според барањето на жителите, но дека секако ќе се бара компромисно решение“.

Според неа, по поминатиот викенд кај пријатели, поддржани од Министерството, децата се враќаат на редовните школски активности. „Сепак, не сакавме да ги слушаат зборовите на населението, зашто не бевме сигурни што сé ќе биде кажано. Тие деца доволно долго во животот биле изложени на одредени негативни појави и однесувања од нивните семејства и заедниците и затоа сакавме да ги заштитиме“, рече Царовска

„Овие деца се соочувале со социјални ризици со кои поголем дел од нас не се соочиле никогаш во животот. Службите не само што се присутни, туку се таму 24 часа. Тоа е проверено од сите инспекциски служби во Министерството. Но, поддршката од заедницата е најважна во овој момент“, рече Царовска, која верува во „силата и мудроста на нашиот народ“, порачувајќи:

„Навистина очекувам дека во наредниот период сите заедно, и населението во Визбегово и ние, како институции, ќе покажеме дека можеме да им понудиме отворена рака на тие деца и отворена прегратка, дека заеднички можеме да го подобриме нивното живеење“.

Хелсиншкиот комитет за човекови права со соопштение ги поздрави заложбите да се деинституционализираат сите деца кои се сместени во нехумани услови и изолирана средина: „Декларацијата за правото на детето и Конвенцијата за правото на детето, како и домашните закони кои ја регулираат детската заштита, ги обврзуваат државните институции преку нивните мерки да се грижат за најдобрите интереси на детето. Но, грижата за нив, особено за оние кои се најзагрозени, е обврска на целото општество... Тие деца заслужуваат шанса и поддршка за да растат и да се развиваат како останатите деца, а не дополнително да се стигматизираат и да се одвојуваат од општеството. Притоа, нагласуваме дека големите институции се надминат концепт за згрижување, кој има сериозни негативни ефекти врз развојот на децата и нивното оформување во возрасни личности“.

Сличен протест како во Визбегово, имаше и во неготинското село Тимјаник, кога жителите протестираа против Мал групен дом со малолетни деца, со 24 часовен надзор, кој денес функционира без проблеми, а според МТСП, од над 180 деца кои живееја во институции на почетокот од 2017 година, денеска има само пет деца во нив, а искуствата од малите групни домови се позитивни и за децата и за локалните заедници.

Професорката Лина Ќостарова, психолог со богато искуство во психосоцијалната помош и поддршката на заедници под ризик, денеска постираше на социјалните мрежи свој став на обваа тема, кој беше мошне често споделуван.

Со нејзина дозвола за Гласот на Америка на македонски јазик, пренесуваме делови од нејзиниот став:

„Не фрлајте со дрвја и камења по Визбеговци... Тоа сме сите ние, тие што сме изолирани, што никому не веруваме, толку пати заведени, толку често исклучени и изманипулирани... ‘Сега три, утре дваесет и три (деца), не можеме ни со своите да се справиме, а камо ли со нив’, е реченицата што кажува сè. И колку не им веруваме на институциите, и колку никогаш не сме ги почувствувале како поддршка за себе, и колку пати сме биле игнорирани, излажани, и зошто нашата толеранција кон било каква промена, па нека е и за наше добро, да не зборуваме за доброто на другите, едноставно, не можеме да ја поднесеме. Затоа, да развиваме толеранција со толеранција, наместо со напади, да се обидеме да ги разбереме тие што не разбираат, и да побараме сојузници и соработници меѓу нив. Не мора, притоа да се согласиме со нивните ставови, но мораме да покажеме трпение, и кога го немаме, и време, и кога времето е одамна поминато. Зашто, само така, ќе почнеме да ја градиме довербата од ново, речиси од нула, а ќе направиме и тие да се чувствуваат слушнати и вредни“.

Според професорката Ќостарова, „малите групни домови со сите слабости и пропусти, се огромен и храбар чекор кон похумано и подобро општество во кое овие деца, конечно ќе се приближат до идејата за еднакви можности за сите, а државата сериозно и целосно, за првпат се обврзува да ја преземе одговорноста за нивниот развој, и за квалитетот на нивните животи… На Визбеговци, сигурна сум, ќе им треба не повеќе од неколку месеци да сфатат дека не се загрозени, и дека можат и самите да придонесат кон идејата - ниту едно дете повеќе да не помине ниту една ноќ во институција, само затоа што нема доволно успешни, или живи родители... Да се обидеме, без разочарувања, плукања и напади. да престанеме со удирање тупаници по сопственото тело и глава. Ќе ни требаат, ќе си требаме за следните уште поголеми предизвици“, пишува Ќостарова.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG