Нова студија покажа дека дневна доза на витамин Д3 значително може да ја подобри срцевата функција кај луѓето со хронична срцева слабост.
Повеќе од 160 пациенти со срцева слабост биле дел од студија која траела пет години на Универзитетот во Лидс. Тие употребиле докажани третмани како бета-блокери, АКЕ-инхибитори и пејсмејкери. Една група испитаници земала по една таблета витамин Д секој ден, цела година, а втора група земала плацебо, лажна таблета. Групата која земала витамин Д имала подобрување на функцијата на срцево пумпање од 26 на 34 проценти.
Доктор Клаус Вите, кој раководел со студијата, вели дека наодите можат да направат значителна разлика во негата на пациентите со срцева слабост.
„Тоа е првиот доказ дека витаминот Д3 може да ја подобри функцијата на срцето кај луѓето со срцева слабост“.
Студијата дава надеж дека дневна доза на витамин Д може да ја намали потребата за пациентите со срцева слабост да бидат опремени со имплантиран кардиовертен дефибрилатор (ИКД). Тоа е скап уред кој може да открие неправилен срцев ритам и да го врати срцето во нормален ритам.
Околу 23 милиони луѓе ширум светот имаат срцева слабост. Оваа појава е најчеста кај постари луѓе. Повеќе од половина од сите луѓе со срцева слабост се над 75-годишна возраст.
Студијата е објавена во понеделникот во Американскиот колеџ за кардиологија за време на 65-та конференција во Чикаго.