Линкови за пристапност

Пораст на насилството врз жените во Македонија


Насилство врз жените
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:45 0:00

Државните институции јавуваат за повеќе од 700 пријави на годишно ниво

Иако засега нема точна бројка, сепак според некои граѓански здруженија, секоја трета жена во Македонија е жртва на некаков вид на насилство. Oвие податоци се резултат на нивните искуства и анализи кои ги правеле во текот на долгогодишното третирање на оваа проблематика, велат од Националниот совет за родова рамноправност.

„Секоја трета жена е жртва на семејно насилство. Имаме физичко, психолошко, економско и сексуално насилство. Се` уште најмал број на пријави има за сексуалното насилство. Причината е што се` уште не е подигната свеста за овој вид на насилство“, вели Сафка Тодоровска, претседателка на Советот.

На нивната „СОС“ мобилна линија, во текот на 24 часа, има помеѓу пет и петнаесет јавувања на жртви. Во Македонија постојат три „СОС“ бесплатни телефонски линии.

Со цел добивање на вистинска слика за бројот на жртви, во тек е реализација на проектот за создавање на единствена база на систем за податоци, во кој сите државни институции како и невладиниот сектор, ќе можат да ги внесуваат сопствените информации.

Во државата постојат и пет шелтер-центри за згрижување на жртви, кои воопшто не се доволни. Два од нив се раководени од граѓански организации.

„Во овие шелтер-центри можат да се сместат само по пет жртви на семејно насилство. Можат да бидат сместени само привремено и тоа во рок од 24 до 48 часа. Во минатите години функционираа повеќе центри, но сега поради нивната руинираност, тие се нефункционални“, рече Даниела Панева од организацијата на жени од Свети Николе.

Иако свеста за овој проблем е подигната на многу повисоко ниво, сепак и натаму проблем останува неодлучноста на жртвите да покренат судска постапка.

​„Мислам дека најголем проблем се финансиските средства и економската состојба на жените. Се плашат. Многу жени немаат помош од нивните семејства, бидејќи нема каде да одат, остануваат на улица. Тие што имаат деца, се плашат да остана без нив“, вели Александра Лазареска од здружението за еднакви можности „Езерка“ од Струга.

Од „Езерка“ велат дека на „жените-жртви“ им нудат бесплатна правна помош, а ги упатуваат и до центрите за социјални грижи и полицијата.

Официјалните податоците на полицијата говорат дека во текот на 2017-та година биле регистрирани вкупно 903 кривични дела - семејно насилство, од кои, 756 од жртвите се жени, а 803 мажи се сторители. Најчесто кривично дела е телесна повреда, но, има и пет убиства.

Во текот на минатите две години во Секторот за труд и социјална политика биле пријавени повеќе од 1.500 случаи на жени-жртви на семејно насилство.

Според граѓанските активисти, за овој проблем треба да се говори многу погласно. Потребно е да се спроведуваат повеќе едукативни кампањи помеѓу населението, но, и во училиштата, а државните и локални институции да ги подобрат капацитетите за справување со оваа негативна појава.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG