Американската агенција за попис извести дека барем 350 различни јазици се зборуваат низ домовите во Америка, што е многу поголема бројка, за разлика од податоците од последните анкети, кога беа 39 јазици.
Податоците од пописот издадени оваа недела, покажуваат дека, додека најголем број од популацијата зборува само англиски јазик во домовите или јазици како шпански, кинески, француски и виетнамски, има и други јазици кои се зборуваат во домовите низ Америка.
Според анкетите, јазици со широка употреба се холандски, украински, турски и романски. 150 различни дијалекти на Северноамерикански индијански јазици зборуваат повеќе од 350.000 луѓе, вклучувајќи ги дијалектите Јупик, Дакота, Апаче, Керес и Чероки.
Податоците собрани помеѓу 2009-та и 2013-та, покажуваат „широк спектар на јазици кои се говорат во Америка“ изјави Ерик Викстром – статистичар од американската Агенција за попис.
Анкетите го нагласија бројот на јазици кои се зборуваат во 15-те најголеми метрополи во САД.
Во централниот дел од Њујорк, се говорат најмалку 192 јазици, следува Лос Анџелес, со околу 185 јазици, Вашингтон со 168 јазици, Сиетл со 166 јазици и Феникс со 163 различни јазици.
Големи градови, кадешто највисок процент од популацијата над пет годишна возраст зборува уште еден јазик освен англискиот се Лос Анџелес и Мајами.
Агенцијата за попис дојде до податоци дека други јазици кои се употребуваат во големите градови, но, во помал размер се бенгали, српски, телуго, малајски, тамилски, индонезиски, свахили, албански, панџаби, пима и украински.