Линкови за пристапност

Картер утре на средба во Штутгарт за руските постапки во источна Украина


Американскиот секретар за одбрана ќе разговара со генерали, амбасадори и други водачи зад затворени врати во седиштето на Американската европска команда

Главните американски одбранбени претставници и дипломати во петок ќе се соберат во Штутгарт, Германија, за да разговараат како да реагираат на руските армиски акции во Украина и да одговорат на загриженоста меѓу сојузниците за агресијата на официјална Москва, откако избувнаа нови борби меѓу украинската армија и бунтовниците поддржани од Русија.

Секретарот за одбрана Аштон Картер ќе се сретне со генерали, амбасадори и други водачи зад затворени врати во седиштето на Американската европска команда, за да ја разгледа ефективноста на сегашните економски санкции на ЕУ и на САД и стратегијата на НАТО за одвраќање на Русија од натамошни акции во Украина.

„Состанокот има за цел да го информира секретарот во време кога се поготвува за својата прва министерска средба на НАТО кон крајот на јуни“, соопшти портпаролот на Пентагон Брент Колбурн. „Една од областите на која ќе се фокусираме се руските постапки изминативе 18 месеци, меѓу што и операциите во Украина“, рече Колбурн.

На денешниот брифинг во Пентагон, портпаролот Стив Ворен кажа дека оваа дискусија е „можност од прва рака да се слушне за влијанието на руските постапки врз нашите европски партнери“.

Портпаролот на Белата куќа Џош Ернест денес соопшти дека претседателот Барак Обама ќе разговара за продолжување на санкциите против Русија на претстојната средба на Г7 во Германија. Ернест призна дека економскиот притисок се` уште не резултирал во тоа рускиот претседател Владимир Путин да ја промени својата „стратешка пресметка внатре во Украина“.

XS
SM
MD
LG