По неколкугодишно критикување на американската војна во Авганистан, претседателот Доналд Трамп образложи зошто сега смета дека е во интерес на САД, да останат посветени во оваа држава.
„Ние нема да зборуваме за бројот на војници или за понатамошните планови за воени активности“, истакна тој.
Во синоќешното обраќање од воена база во близина на Вашингтон, без да соопшти детали, Трамп го претстави „условно базираниот пристап“ за победа над тероризмот во државата, и рече дека САД повеќе нема да ја користат својата војска за да градат демократии или да обновуваат други земји, заради сопствениот имиџ.
Неговата цел, рече тој, е да се спречи повторното создавање на безбедни засолништа за терористите кои можат да ја загрозат Америка и да се осигура дека тие нема да остварат пристап до нуклеарно оружје.
„Нема да зборуваме за бројот на војници или за понатамошните планови за воени активности“, кажа Трамп пред околу 2.000 припадници на армијата во базата Мајер-Хендерсон Хол. „Условите на теренот, а не произволните временски рамки ќе ја водат нашата стратегија отсега, натаму. Непријателите на Америка никогаш не смеат да знаат за нашите планови или да веруваат дека можат да чекаат. Не сакам да кажам кога ќе нападнеме, но ќе нападнеме“.
Број на американски војници
Според анонимни извори, претседателот одобрил дополнителни 4.000 американски војници во Авганистан. Во моментов, во Авганистан има околу 8.400 американски трупи. Повеќето ги советуваат авганистанските сили, иако некои имаат задача да спроведуваат антитерористички операции против групите како Талебан или авганистанското крило на Исламската држава. Тој број значително беше намален, по одлуката за дополнително распоредување на трупи од страна на поранешниот претседател, Барак Обама. Во август, 2010-та година во Авганистан имаше речиси 100.000 американски војници.
Веднаш по говорот на Трамп, државниот секретар на САД Рекс Тилерсон објави соопштение велејќи: „Ние сме подготвени без предуслови да ги поддржиме мировните разговори меѓу авганистанската влада и Талебан. Бараме од меѓународната заедница, особено од авганистанските соседи да се придружат во поддршката на мировен процес во Авганистан“.
Претседателот Трамп јавно и директно го повика Пакистан.
„Ние му плаќаме на Пакистан милијарди и милијарди долари, во исто време кога тие им даваат засолниште на терористите со кои се бориме, Тоа ќе мора да се промени и тоа да се промени уште веднаш“ истакна тој.
Најдолга американска војна
Конфликтот во Авганистан кој започна по нападите на Ал Каида на САД, на 11-ти септември 2001-ва година, трае веќе 16 години, со што стана најдолга американска војна.
Изразувајќи фрустрираниот, Трамп го информирал Авганистан дека посветеноста и поддршката на САД не е неограничена.
Американскиот народ, предупреди тој, очекува „да види вистински реформи и вистински резултати“.
Објавувањето на политиката спрема Авганистан, уследи по едномесечна евалуација на состојбата.
Реакции
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изрази поддршка за стратегијата на Трамп, велејќи дека целта на Алијансата е да обезбеди Авганистан да не биде терористичко засолниште.
Ахмад Шах Катавазаи, претставник за воена соработка во авганистанската амбасада во Вашингтон, за Гласот на Америка изјави дека ја поздравува обновената посветеност на САД во Авганистан.
Портпаролот на индиското Министерство за надворешни работи, исто така го поздрави ветувањето на Трамп за справување со „прашањата за безбедни засолништа и други форми на прекугранична поддршка што ги имаат терористите“.
Од пакистанската влада немаше јавна реакција.
Facebook Forum