Линкови за пристапност

Трамп ги повлече САД од Иранскиот договор


Претседателот истакна дека САД ќе продолжат да соработуваат со сојузниците за да се справат со нуклеарната закана на Иран

Претседателот на САД Доналд Трамп, во обраќање од Белата куќа, кажа дека Иран е и натаму спонзор број еден на тероризмот и дека ако САД дозволат да останат во Иранскиот договор, наскоро ќе има нуклеарна трка. „Имаме дефинитивен доказ дека Иран лажел за својата нуклеарна програма и продолжил да работи на неа", подвлече Трамп.

„Повлекувањето ќе ја направи Америка многу побезбедна“, истакна американскиот лидер, најавувајќи повторно воведување на економските санкции против Техеран, што би значело прв чекор кон комплетно повлекување од Договорот, склучен во 2015-та година за време на мандатот на поранешниот претседател Барак Обама.

„Ќе воведеме економски санкции на највисоко ниво“, предупреди Трамп. „Која и да е земја што ќе се обиде да му помогне на Иран во неговите обиди да дојде до нуклеарно оружје, може исто такада се соочи со остри санкции од страна на САД“, додаде тој.

Се работи за едно од ветувањата на Трамп за време на претседателската кампања во 2016-та година. Тој денеска истакна дека „САД повеќе не прават празни ветувања“.

Чекорот се оствари, иако европските сојузници, како францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел при неодамнешните посети на САД, се обидоа да го разубедат Трамп да се откаже од намерата.

Мерките, заедно со оние наметнати од Европската Унија и другите држави, првично беа воспоставени да извршат притисок врз Иран да се откаже од Програмата за развивање нуклеарно оружје.

Како дел од Договорот со САД, Велика Британија, Кина, Франција, Русија и Германија, Техеран се согласи да ја ограничи нуклеарната активност, во замена за олеснување на санкциите.

Трамп истакна дека Договорот има големи пропусти, со оглед на тоа што не се осврнува на тестирањата на иранските балистички проектили или на воениот напредок на Техеран во Сирија, Јемен и на други места на Блискиот Исток.

Иран се закани дека доколку САД се повлечат, и Техеран ќе го стори истото. Сепак, денеска, иранскиот претседател Хасан Рухани, кажа дека неговата земја би сакала да ги продолжи своите „врски со светот“.

Шефицата за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини, кажа дека очекува „остатокот од меѓународната заедница да продолжи со имплементација на Договорот“.

„Тој функционира и дава резултати во уверувањето дека Техеран не развива нуклеарно оружје“, истакна Могерини.

Во заедничка изјава со Германија и Франција, британската премиерка Тереза Меј, ја потенцираше продолжителната определба на нејзината земја за Иранскиот нуклеарен договор.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, кажа дека е длабоко загрижен по одлуката на САД да се повлечат од Договорот, повикувајќи ги сите страни целосно да се придржуваат на склучените определби.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG