Линкови за пристапност

САД ја укинаа регулативата за „неутралност на интернет“


САД денеска ги укинаа две години старите правила за „неутралност на интернет“, со кои се гарантираше еднаков пристап на интернетот. Со денешниот чекор, се намалуваат регулативите на големите компании кои обезбедуваат интернет услуги, а тие би имале и поголеми овластувања да одлучуваат за тоа каков интернет пристап ќе имаат корисниците.

Федералната комисија за комуникации со 3 гласови „за“ и 2 „против“, гласаше во полза на усвојување на планот на нејзиниот раководите, Аџит Паи, назначен од претседателот Доналд Трамп. Мерката предвидува, како што вели Паи, „мали интервенции“ во регулирањето на главните телекомуникациски компании и ставање крај на „владиното микроменаџирање на интернетот“.

Пред гласањето, состанокот беше за кратко прекинат од безбедносни причини. Во просторијата влегло обезбедување со кучиња, и се` уште нема информација што точно се случило.

Со контроверзните промени на Паи, се укинува политиката на поранешниот претседател Барак Обама од 2015-та година. Со укинување на правилата за неутралност на интернетот коишто нудеа еднаквост на „интернет-сообраќајот“, имаше бројни негодувања и преку еден милион повици на членовите на Конгресот. Одредени организации ветија дека ќе поднесат и тужби.

Со планот се укинуваат ограничувањата со кои поголемите телекомуникациски компании, како „Комкаст“, „Верајзон“ и „Еј-Ти-енд-Ти“ (AT&T), не можеа да ги блокираат или менуваат ратите за услугите кои не им се допаѓаат, а на 50-те сојузни држави ќе им се забрани да воспостават свои правила.

Паи додаде дека неговиот план ќе стави крај на непотребната регулатива, а Американците ќе имаат поголем пристап до интернет. На големите телекомуникациски куќи ќе им даде зелено светло за блокирање на конкурентни апликации, забавување на конкурентните услуги и понуда на побрза интернет врска за компаниите кои се подготвени да платат за тоа.

„Бенефиции ќе имаат корисниците, претприемачите. Секој во интернет-економијата ќе биде подобар со пристап, базиран на пазарот“, вели првиот човек на Федералната комисија за комуникации.

Тим Бернерс-Ли, британски инженер и креатор на World Wide Web, се спротивстави на промените во американската политика.

Тој додаде дека со правилата на Паи, „телекомуникациските компании ќе имаат моќ да одлучуваат до кои веб-страници ќе имате пристап и со која брзина тоа ќе се одвива. Со други зборови, тие ќе имаат одврзани раце да одлучуваат кои компании ќе успеат на интернет, кои гласови ќе бидат слушнати, а кои ќе бидат затаени“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG