Линкови за пристапност

Екстремистичките убиства во пораст во САД


Екстремистите извршиле најмалку 50 убиства во САД во 2018 година

Смртоносниот напад во џамија во Нов Зеланд минатата недела од страна на напаѓачот кој промовираше анти-имиграциски манифест се совпаѓа со порастот на инцидентите и убиствата извршени од десничарски екстремисти во САД.

Минатата година, домашните екстремисти убија најмалку 50 лица во САД, што е пораст во однос на 2017 година кога имаше 37 убиства, покажуваат податоците на Лигата за борба против екстремизмот, која што ги следи ваквите убиства. [[ https://www.adl.org/murder-and-extremism-2018 ]]

Според Лигата, во последните пет години е регистриран најголем број на екстремистички убиства за разлика од било кој друг петгодишен период од 1970 година.

Марк Питкаваж, висок претставник на Центарот за екстремизам, вели дека секој од извршителите на убиствата во последната година бил поврзан најмалку со едно десничарско движење.

Повеќето од убиствата биле извршени од бели супремацисти, додека помал бил бројот на оние извршени од антивладини екстремисти и екстремни женомрзци кои се идентификуваат како „присилни целибати“, вели Питкаваж.

Додека за некои од инцидентите детално се известуваше, како за масакрот на 11 Евреи од страна на супремацистот Роберт Бауерс во синагога во Питсбург минатиот октомври, другите инциденти не добија големо медиумско внимание.

Само два месеци претходно, друг приврзаник на супремацистичките гледишта, Јоден Роко избоде 24 годишен Афроамериканец пред бар во Питсбург.

„Секоја година има голем број инциденти како овој каде еден или двајца луѓе умираат. Но, тоа не е нешто со масовни жртви и не привлекува многу внимание, туку се вели дека некој е убиен од страна на екстремист,“ вели Питкаваж. „Некој почина. Имаше жртва. Изгубен е живот.“

Помеѓу другите инциденти кои привлекоа помалку внимание во медиумите се и следните:

* Во јануари 2018 Самуел Вудвард го избоде до смрт еврејскиот студент Блејз Бернстеин. Истражителите подоцна во мобилниот телефон на Вудвард пронајдоа хомофобични и неонацистички материјали, вклучувајќи и содржини поврзани со насилната група Атомвафен.

* Во октомври, Грегори Буш, 51 годишен белец, невработен жител наЛуисвил, Кентаки, во супермаркет уби двајца Афроамериканци на возраст од 67 и 69 години.

* Во ноември, Скот Пол Биерле, кој објавуваше сексистички и расистички видеа на интернет, уби две жени и повреди четири други во јога студио во Талахаси, Флорида.

Покрај Лигата за борба против екстремизмот и други организации пријавија пораст на екстремистичките убиства во текот на минатата година, иако во помал број.

Центарот за проучување на омразата и екстремизмот при државниот универзитет на Калифорнија во Сан Бернардино следеше 22 убиства извршени од идеолошки причини во 2018 година, вклучувајќи 17 извршени од бели супремацисти, што е повеќе од 15 убиства извршени претходната година.

Според Јужно американскиот Правен центар, кој ги следи групите кои шират омраза, најмалку 40 луѓе се убиени во САД и Канада од „поединци кои биле мотивирани или привлечени од десничарски идеологии“. Од таму посочуваат дека 2018 година била најсмртносната година за жртвите на десничарскиот екстремизам.

„Гледаме се повеќе насилство од лица кои се под влијание на бели супремацисти и таков вид на екстремизам“, вели Хеиди Беирич, директор на Јужно американскиот Правен центар.

Претседателот Доналд Трамп неодамна изјави дека не мисли дека белиот национализам е сé поголем проблем по нападот на Нов Зеланд од страна на самопрогласениот бел националист Брентон Тарант, во кој загинаа 50 муслимани во две џамии.

Од Јужно американскиот Правен центар велат дека белиот национализам е во пораст, а бројот на групи кои шират омраза минатата година се искачил на 1200.

Не се сите бели националисти насилни. Но, оние што вршат акти на насилство во име на белиот национализам го прават тоа од страв дека имиграцијата во западните земји го сее семето на „белиот геноцид“, велат експертите.

„Ако го погледнеме напаѓачот кој ги уби сите тие луѓе во Нов Зеланд ќе видиме дека тој постојано зборувал за расселувањето на белите луѓе во нивните матични земји“, вели Беирич.

Со оглед на тоа што демографските стравови го поттикнуваат насилството, Беирич вели дека проблемот очигледно нема да исчезне наскоро.

„Демографските трендови кои тие сметаат дека се уништувачки за нив нема да се променат“, вели тој.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG