Линкови за пристапност

Милениумците и изборите во САД


За младите родени помеѓу 1982 и 2000 година, Сандерс е фаворит, но меѓу Клинтон и Трамп би гласале за Клинтон

Нова национална анкета на Милениумците (млади луѓе родени помеѓу 1982 и 2000 година) покажува предност на кандидатката на демократите Хилари Клинтон во однос на републиканецот ДоналТрамп, доколку тие двајца се дел од претседателските избори оваа година.

Ново истражување на јавното мислење, направено од Институтот за политика на Универзитетот Харвард, покажа дека 61 процент од испитаниците најверојатно ќе гласаат за Клинтон додека 25 проценти од младите Американци би го поддржале Трамп.

Анкетата исто така покажа дека Милениумците од сите кандидати најмногу го поддржуваат демократскиот кандидат Берни Сандерс. Тој е најпопуларен кандидат за претседател кај младата популација, достигнувајќи 53 проценти стапка на одобрување.

Но, доколку Берни Сандерс не е номиниран, Милениумците ќе учествуваат на изборите во ноември и ќе гласаат за Клинтон.

Директорот на институтот Џон Дела Волпе, ова го нарекува „ефект на Трамп“. Тој за новинарите изјави дека Трамп им помага на демократите на начин како што Џорџ Буш им помогна во 2008 година, кога претседателот Барак Обама беше во трка против сенаторот Џон Мек Клеин.

Дела Волпе истакна ентузијазмот е помал за Клинтон отколку за Сандерс кај луѓето од оваа генерација. Анкетата покажува дека 53 проценти не се наклонети кон Клинтон.

Според Дела Волпе половина од генерацијата на Милениумците верува дека американскиот сон е мртов и само 15 проценти веруваат дека САД се движат во вистинска насока.

Милениумците одбиваат етикетирање. Само 32 проценти се идентификуваат како патриоти, 31 процент се гледаат себе си како прогресивни и 27 проценти како феминисти. Тие исто така ги одбиваат и социјализмот и капитализмот - само 16 проценти се идентификуваат како социјалисти и 19 проценти како капиталисти.

Младите Американци повеќе би сакале да имаат демократ во Белата куќа – 61 процент, отколу републиканец – 33 проценти.

Нивните гледишта за републиканските кандидати се многу ниски. Само 17 проценти од младите Американци имаат наклонетост кон Трамп, додека 23 проценти гледаат позитивно на сенаторот Тед Круз. Џон Кајсик доби 24 проценти поволна оценка.

Анкетата беше спроведена помеѓу 18-ти март и 3-ти април и беа анкетирани 3.183 Американци од 18 до 29 годишна возраст.

Учесниците на истражувањето биле по случаен избор, анкетирани преку телефон или електронска пошта.

Според Бирото за статистика, во моментов во Америка живеат осумдесет и три милиони Милениумци. Тие се една четвртина од вкупното население на САД и ја потиснуваат таканаречената Бејби бумерс генерација, луѓе родени помеѓу 1946 и 1964 година.

XS
SM
MD
LG