Линкови за пристапност

САД: Се разгледува политиката кон Куба


Помошник-секретарот на Стејт департментот за прашања за западната хемисфера Емили Мендрала, за Гласот на Америка, изјави дека Соединетите Држави многу внимателно ги следат настаните на островот

Политиките на администрацијата на Бајден кон Куба се во фаза на ревизија, рече заменик-помошничката секретар на Стејт департмент за прашања за западната хемисфера Емили Мендрала.

Во интервју за Гласот на Америка, таа ја повтори поддршката на Вашингтон за кубанскиот народ и изјави дека вниманието на Белата куќа е насочено кон изнаоѓање начини директно да се влијае на благосостојбата „во политичка и економска смисла“ на Кубанците.

„Немаме што да објавиме во овој момент“, рече Мендрала и додаде:

„Како што рече претседателот и државниот секретар политиката ќе биде насочена кон почитување на човековите права и поддршката на демократијата “.

Таа рече дека „ние исто така ќе проучуваме политика за подобро разбирање на влијанието врз благосостојбата на кубанскиот народ, особено во економска и политичка смисла“.

Дипломатката нагласи дека „ многу внимателно ги следиме настаните на островот“.

Изјавите доаѓаат во време кога владите и политичарите од регионот и САД изразија солидарност со протагонистите на протестите во Куба за време на викендот, необичен настан во земја во која несогласувањето е забрането повеќе од шест децении.

Дипломатката изјави дека интеракцијата на Соединетите Држави со Куба по неодамнешните настани ќе биде преку дипломатски канали.

Запрашана за тоа како Соединетите Држави се справуваат со настаните во Куба, таа рече дека тие „разговараат со граѓанското општество на островот“ и со „партнерските влади ширум светот“.

Таа, исто така, потврди дека многу од овие влади, дури и во Латинска Америка, го поддржуваат кубанскиот народ и неговите барања.

За време на интервјуто, таа повтори дека вниманието на Американската влада е кон Кубанците и нивните барања.

„Ние сакаме да го задржиме фокусот на нив и нивните напори“, рече Мендрала.

Мендрала ги осуди насилните активности на Кубанската влада пријавени против демонстрантите и „извештаите за апсења на оние кои протестираат мирно од неделата“.

„Ние повикуваме на почитување на слободата и правото на мирен протест, слобода на изразување, слобода на собир. Ние го осудуваме насилството“, рече таа.

Американската дипломатка зборуваше и за хуманитарните напори кон Куба, која страда поради влошување на пандемијата на коронавирус и недостигот од храна, потенцирајќи ги „многубројните независни актери“, особено од верската заедница „која директно стигнува до кубанскиот народ“.

Кубанското прашање историски ја поларизира политиката на Соединетите Држави, земја во која најголемиот егзил од Кубанците живее на само 90 милји од кубанскиот брег.

На почетокот на неделава американскиот сенатор Тед Круз побара од Бајден експлицитно да ги поддржи оние што протестираат против комунистичката влада.

„Американскиот народ директно ги поддржува граѓаните и граѓанките на Куба и нивната благородна борба за слобода, а администрацијата на Бајден мора да му го каже на светот недвосмислено и силно истото, веднаш“, рече Круз во изјавата во понеделникот.

„Несомнено е дека кубанскиот комунистички режим ќе биде испратен во историјата, каде деспотите и диктаторите нема да бидат ослободени од обвинението за страдањата што им ги нанесоа на своите граѓани“, рече Круз, еден од главните критичари на политиката за приближување со Владата на Куба, промовирана од поранешниот претседател Барак Обама, а потоа и од потпретседателот Бајден.

Досега, властите на островот одржуваат дискурс фокусиран на обвинување на САД и нивните надворешни непријатели за протестите и тврдењата на Кубанците.

Кубанскиот претседател Мигел Дијас-Канел, во понеделникот, во повеќе од четири часа излагање на државната телевизија, се посвети на истакнувањето на „достигнувањата“ на револуцијата и „негативното влијание“ на трговското ембарго што Вашингтон го применува кон Хавана.

Историски гледано, Хавана го обвинува ембаргото за своите проблеми, но критичарите тврдат дека токму лошото управување и неефикасноста на социјализмот го доведоа островот во долготрајна криза.

Мендрала зборуваше за протестите во неделата.

„Тоа се тие, тоа се Кубанците, кои пристигнаа во повеќе од 45 градови во неделата на Куба со барања до нивната Влада. Тие се оние кои страдаа поради непочитување на човековите права, поради тоа што не можеа слободно да се изразуваат, немаат моќ да демонстрираат на улица“, изјави Мендрала.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG