Пандемијата на коронавирусот продолжува да нанесува тешки последици на американската економија, при што уште 5,2 милиони работници побарале надомест поради невработеност во текот на минатата недела, објави во четврток Одделот за труд.
Со ова бројот на барања поради невработеност за четири седмици се искачи на вкупно над 22 милиони, при што нови барања за надоместоци се очекуваат и во наредните седмици од оние кои бараат помош откако остануваат без работа, како последица на затворањето на деловните активности како дел од мерките за спречување на ширењето на коронавирусот.
Тоа е ниво на губење на работните места какво што САД немаат искусено уште од Големата депресија во 1930-тите.
Некои компании брзо ги отпуштија работниците во текот на изминатиот месец, додека други ветија дека ќе продолжат да ги плаќаат своите вработени неколку недели, дури и ако имаат само малку работа за нив. Но, сега, повеќе компании го намалуваат бројот на вработени како што економската криза се продлабочува.
Некои економисти велат дека американската економија, најголемата во светот, е намалена за 10,8% во првите три месеци од годината, што е нејзин најголем пад од Втората светска војна.
Сепак, најновиот неделен вкупен број на побарувања за надомест поради невработеност е помал од последните две седмици, кога повеќе од шест милиони луѓе аплицирале за помош. Ова може да укажува на тоа дека падот се стабилизира до одреден степен.
Милиони луѓе би можеле да бидат без работа до крајот на 2020 година.
Но, она што е непознато е колку долго бизнисите ќе останат затворени или ќе работат ограничено, што е причина за раст на бројот на отпуштени со недели. Милиони луѓе би можеле да бидат без работа до крајот на 2020 година.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, врши притисок за отворање на бизнисите во делови од државата од 1 мај, особено во држави каде има релативно мал број случаи на коронавирус.
Но, директори на некои од најголемите корпорации во земјата во средата предупредија дека треба да се направат повеќе тестирања пред работниците да се вратат на своите работни места.
Facebook Forum