Линкови за пристапност

Њујорк започнува со програма за следење на инифицирани со коронавирусот


Блумберг ќе инвестира над десет милиони американски долари во иницијативата за следење на коронавирусот за да се спречи неговото ширење

Милијардерот Мајкл Блумберг ќе ѝ помогне на државата Њујорк да дизајнира и да финансира програма за следење на инфицирани од коронавирусот, како дел од нејзината стратегија да го спречи ширење на вирусот.

Гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо, ја објави иницијативата во средата, велејќи дека тоа ќе биде направено во соработка со соседните држави Њу Џерси и Конектикат и ќе започне за неколку недели.

„Градоначалникот Блумберг ќе ја дизајнира програмата, ќе дизајнира обука и финансиски ќе придонесе“, рече Куомо за Блумберг, кој беше градоначалник на градот од 2002 до 2013 година.

Како партнери ќе бидат вклучени и универзитет Џон Хопкинс и глобалната здравствена организација Vital Strategies.

Од кабинетот на гувернерот соопштија дека Блумберг ќе инвестира „над десет милиони американски долари“ во иницијативата за следење на коронавирусот. Дополнителни 1,3 милијарди американски долари во федералните фондови се достапни за Њујорк за следењето на коронавирусот.

Државата Њујорк потврди повеќе од четвртина милион инфекции на КОВИД-19. Повеќе од 15.000 луѓе починаа од вирусот, но гувернерот во средата рече дека бројот на смртни случаи престанал да расте и се забележува „благ пад“.

Куомо рече дека напорите на државата да го удвои капацитетот за тестирање од 20.000 на 40.000 тестови на ден, заедно со започнување на масовна операција за следење на коронавирусот, ќе помогнат Њујорк да премине во фаза на ниско ниво на трансмисија, што на крајот ќе биде клучен дел за отворање на економијата.

Блумберг планира да започне со сегашните околу 225 трагачи во државата и да обучи илјадници трагачи.

Кумо рече дека на државните универзитети во Њујорк има околу 35,000 студенти по медицина, кои ќе бидат важен ресурс за регрутирање на трагачи.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG