Линкови за пристапност

САД и Кина денеска започнуваат нова рунда разговори за трговската војна


Двете страни имаа разговори во јули, но без голем напредок во решавањето на трговскиот спор помеѓу двете најголеми економии во светот

Нова рунда разговори меѓу САД и Кина започнува денеска во Вашингтон.

„Американскиот трговски претставник Роберт Лајтизер и секретарот на американскиот оддел за финансии Стивен Мнучин ќе ја пречекаат кинеската делегација предводена од вицепремиерот Лиу Хе која доаѓа за продолжување на трговските преговори меѓу двете држави почнувајќи од 10-ти октомври 2019 година“, се вели во соопштението на Белата куќа. „Двете страни ќе се надоврзат на разговорите одржани во изминатите седмици на ниво на заменици. Ќе се дискутира за принудниот трансфер на технологија, правата од интелектуална сопственост, услугите, нецаринските бариери и за земјоделството“.

Двете страни имаа разговори во јули, но без голем напредок во решавањето на трговскиот спор помеѓу двете најголеми економии во светот.

Трговските односи меѓу Вашингтон и Пекинг ескалираа по барањето на американскиот претседател Доналд Трамп за промена на кинеската практика во однос на трговијата, субвенциите и интелектуалната сопственост. Кина обвини дека трговските политики на САД имаат за цел да ја сузбијат нејзината конкурентност.

Ситуацијата создаде неизвесност на финансиските пазари и ги остави компаниите да се обидуваат да се справат со ефектите од царините.

Претседателот Трамп минатиот месец објави дека, „како гест на добра волја“, се одложува новата рунда царини за кинески производи во вредност од 250 милијарди американски долари од 1-ви октомври до 15-ти октомври. По ова, Кина реагираше со укинување на царините за соја, свинско месо и други земјоделски производи.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG