Линкови за пристапност

Раст на емисиите на јаглерод во САД во 2018 година


По три годишен тренд на намалување на емисиите на јаглерод во САД ова е најголем годишен пораст од 2010 година па досега

По тригодишен пад, емисиите на јаглерод во САД забележаа пораст, покажуваат првичните проценки на независната истражувачка група Родиум, која рутински ги следи емисиите на јаглерод. Нејзините претходни проценки покажуваат дека производството во САД се зголемило за 3,4 проценти во 2018 година.

Ова е досега најголем годишен пораст од 2010 година, кога нацијата се опоравуваше од финансиската криза позната како големата рецесија.

Истражувањето, исто така, сугерира дека и покрај напорите на администрацијата на Трамп да ја заживее индустријата за јаглен, таа продолжува да опаѓа со оглед на евтиниот природен гас, кој го има во изобилство.

Според извештајот на Родиум, постројките на јаглен кои генерираа 11,2 гигавати електрична енергија беа затворени до октомври минатата година, со тоа што во наредните месеци е планирано затворање.

Потрошувачката на електрична енергија и емисиите на јаглерод во САД се зголемија во 2018 година.

Но, транспортниот сектор најмногу придонесе за рекордните емисии. Добрата вест е дека побарувачката на бензин скромно опадна. Но, поради зголемената побарувачка за дизел и авионско гориво, транспортот сè уште е најголем извор на емисии на јаглероден диоксид во САД.

Градежништвото е уште еден голем извор на емисии, кој според овој извештај, често останува незабележан. Емисиите од греењето во зградите и домовите исто така забележа пораст, меѓу другото и поради исклучително ладната зима во делови од САД минатата година.

2018-та година е аномалија, бидејќи секоја година, од 2015 година, емисиите на јаглерод во САД се намалуваа, иако скромно, како што нацијата работеше да ги исполни своите обврски согласно со Парискиот климатски договор.

Емисиите во САД опаднаа за 2,7% во 2015 година, 1,7% во 2016 година и 0,8% во 2017 година. Но, дури и со тие намалувања, САД не успеаја да ги исполнат намалувањата договорени од страна на администрацијата на Обама.

САД се приклучија на речиси 200 други земји со потпишувањето на договорот во 2015 година. Според договорот, САД се обврзаа до 2025 година да ги намалат своите емисии на јаглерод за најмалку 26 проценти од нивоата од 2005 година.

Но, администрацијата на Трамп годинава соопшти дека САД ќе се повлече од договорот, така што земјата формално ќе излезе од глобалниот план во 2020-та година.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG