Обединетите нации (ОН) ги повикуваат владите да се фокусираат на услугите за ментално здравје на граѓаните, како што светот се соочува со пандемијата.
„По децении негрижа и недоволно инвестирање во услугите за ментално здравје, пандемијата на КОВИД-19 сега им предизвика на семејствата и на заедниците дополнителен психички стрес“, рече генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.
Тој рече дека здравствените работници, оние кои од претходно се соочуваат со проблеми со менталното здравје, како и оние што се справуваат со конфликт и кризи, се наоѓаат во најголем ризик.
Гутереш нагласи дека Обединетите нации цврсто се посветени на создавање свет во кој секој и секаде, ќе има можност да добие ментална поддршка.
Истовремено, додека некои држави ги олеснуваат рестрикциите, пандемијата предизвика тешки економски последици.
Според извештај на ОН, светската економија се очекува да има пад од повеќе од три проценти оваа година.
Нов Зеланд, заклучно со денес, нема нов случај на коронавирус, веќе дозволувајќи да се отворат трговските центри, продавниците и рестораните.
Водечкиот експерт во тимот на САД за справување со пандемијата Етони Фаучи, ги предупреди јавноста и лидерите за опасноста од прерано отворање на економијата.
Претседателот Доналд Трамп, пак, рече дека луѓето сакаат да се отвори економијата, вклучувајќи ги бизнисите и училиштата.
„Мора да ја отвориме нашата држава. Сакаме да го направиме тоа безбедно, но, исто така, сакаме да го направиме најбрзо што може“, рече Трамп.
Градоначалничката на главниот град Вашингтон Мјуриел Баусер, ја продолжи наредбата за седење дома до осми јуни, нагласувајќи дека сака да види постепено намалување на бројот на нови случаи, пред да ги олесни рестриктивните мерки.
Гувернерите на соседните сојузни држави Вирџинија и Мериленд, планираат да ги олеснат рестрикциите на места каде е намалено ширењето на вирусот.
Округот Лос Анџелес во Калифорнија, најнаселениот округ во САД, со 10 милиони жители, се очекува да ја продолжи наредбата за седење дома уште за три месеци.
Facebook Forum