Хеман Бекеле вели дека отсекогаш имал страст да решава проблеми. Таа љубопитност на американскиот тинејџер роден во Етиопија, му ја донесе главната награда од 25 илјади долари на овогодинешниот предизвик за млади научници, натпревар за ученици од САД запишани од петто до осмо одделение.
Хеман направил сапун кој може да се бори со еден вид рак на кожата познат како меланом.
„Отсекогаш сум бил страстен за пронаоѓање решенија кои не се само навистина одлични од научна перспектива, туку се достапни и за што е можно повеќе луѓе и за болест како што е ракот на кожата каде што веќе постојат лекови на терен, но единственото прашање е што тие лекови не се достапни за секого“, вели тој.
Сапунот на Хеман сè уште се тестира за ефикасноста, но делува со тоа што са активираат на специјални клетки, наречени дендритични клетки, кои му помагаат на телото да се бори против ракот на кожата.
„Се обидов да дојдам до решение кое не само што беше одлично од научна перспектива, кое може да функционира, туку истовремено беше и прифатливо и достапно.“
Родителите на Хеман велат дека не сфатиле колку е важен неговиот проект се додека нивниот син не влегол во потесниот избор меѓу првите десет натпреварувачи. Неговиот татко, Вондвосен Бекеле, вели дека не можеле да ја задржат возбудата.
„Кога тој стана топ десет бевме презадоволни, а потоа кога тој стана прв, бевме уште повеќе задоволни и среќни со неговите достигнувања и сè уште сме многу среќни за него“, вели Вондвосен Бекеле, таткото на Хеман.
Неговата мајка Мулуембет Гетачу вели дека тој отсекогаш бил љубопитен.
„Хеман сака да создава. Од дете сакаше да истражува работи. Понекогаш повеќе сакаше да си игра со работи што ги создал наместо со играчки. Тој беше социјален. Сакаше да разговара и да си игра со други деца. Сака да чита, но и да слуша. Тој е добар слушател“, вели таа.
Хеман вели дека неговиот сапун за лекување на рак на кожа сепак мора да добие одобрение од Агенцијата за храна и лекови на САД. Кога ќе се случи тоа, тој се надева дека сапонот може да им биде достапен на луѓето во заедниците кои се недоволно опслужени и имаат ниски приходи.
„Се разбира, има уште многу работа за да се дојде до таа цел, но се надевам дека, како што реков, до 2028 година ќе се претвори во непрофитна организација. Од таму ќе треба да видиме каде ќе заврши“, вели тој.
Меѓународната агенција за истражување на ракот при Светската здравствена организација проценува дека во 2020 година биле дијагностицирани речиси 325 илјади нови случаи на меланом ширум светот. Хеман вели дека сè што сака да направи е да им го олесни животот на луѓето.