Во октомври 2017 година претседателот на Турција Раџеп Таип Ердоган беше во официјална посета на Србија. Не е прв пат еден турски лидер да ја посети земјата, но за прв пат Србите со толку големо гостопримство дочекаа еден претставник на Турција.
Во топла атмосфера во историскиот дел на Калемегдан, Ердоган се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ. На звуците на песната „Осман ага“ министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ пешее на турски.
Со овој пример започнува најновата студија на Европскиот совет за надворешни работи, насловена „Од мит до реалност: Како да се разбере улогата на Турција во Западен Балкан“ на Асли Ајдинтасбас. Нејзината цел е да ги расветли митовите за Турција во однос на Западен Балкан.
Не треба да се заборави дека Турција и Србија беа на спротивставени страни за време на студената војна, како и за време на војната во Босна.
За време на посетата на Србија, Ердоган, заедно со Вучиќ, беше и во Нови Пазар, бошњачкиот културен центар во Србија. Кога се појави на сцена, толпата во најголем дел составена од Бошњаци го пречека со извици: „Султан! Султан!“
Султан? Што точно се случува? Дали Турција после толку време се враќа на Балканот? Дали се враќа турската империја сега под водство на Ердоган?
Не. Но, но во Европа се следат ваквите вонредни настани и посетата на Ердоган и неговите разговори со Западен Балкан погрешно се толкуваат како сигнали за обновена желба за регионална хегемонија. Загриженоста поради ова останува.
„Брисел стравува дека Турција се обидува да влезе на Балканот“, вели висок претставник на Европската Унија.
„Турција продолжува да ни кажува дека нема лоши намери и дека ги поддржува аспирациите за евроинтеграција на Западен Балкан, но се уште постои скептицизам.“
Соништата за отоманската слава не влијаат на официјалната политика на Анкара
Во медиумите и во политичките кругови во Европа и Западен Балкан растат шпекулациите околу тоа дали Турција сака да презентира „алтернативен“ модел за Балканот – по Русија и Европската Унија. Обраќајќи се во Европскиот парламент Емануел Макрон рече дека не сака Балканот „да се врти кон Турција или Русија“.
Турските лидери го сакаат митот за турската моќ од пропагандни причини. Но, додека турските лидери имаат приватни соништа за Отоманската слава, тие соништа не ја формираат политиката на Анкара кон Западен Балкан.
Во реалноста, Турција не е ниту алтернатива, ниту најголем економски играч во регионот. Таа не настојува да го одврати Западен Балкан од ЕУ.
Турција всушност презема чекори за да ги зајакне односите со Западен Балкан и го задржува интересот за заштита на муслиманите таму.
Но, ништо од ова не е закана за економското и политичко влијание на ЕУ во регионот, барем засега, се вели во студијата „Од мит до реалност: Како да се разбере улогата на Турција во Западен Балкан“.
Студијата дава продлабочена анализа на тоа што прави Турција, кои се нејзините цели во однос на Западниот Балкан и колку е блиску за да ги постигне тие цели. Исто така, го анализира центристичкиот поглед на Анкара на регионот, ги идентификува потенцијалните области на соработка и клучните разлики помеѓу Турција и Европската Унија.
Кога ќе се погледнат медиумите во Турција ќе се види дека Балканот не е дел од топ вестите кои влијаат на јавното мислење. Турските весници не објавуваат текстови за политичкиот развој во регионот. Анкетите покажуваат дека Балканот не е доволно значаен за турските перцепции, барем не колку Израел, Блискиот исток и САД.
Покрај економските и безбедносните односи, Турција исто така сака да биде заштитник на муслиманското население во Западен Балкан. Во овој поглед, Ердоган во регионот наоѓа престиж кој што го нема во друг дел на Европа. Но, со исклучок на малцинското муслиманско население во Босна и неколку други места, ова влијание е многу ограничено. Западен Балкан не е централна точка на турската надворешна политика како што се Сирија и ЕУ.
Всушност, актуелната турска влада не смета дека интеграцијата на регионот во европски рамки е нешто спротивно на интересите на Турција. Во интервју во Анкара, висок турски претставник рече дека Турција го поддржува проширувањето на ЕУ во Западен Балкан, при што нагласи дека е фрустрирачки што европјаните не успеваат тоа да го видат.
Тие кои ја читаат историјата треба да знаат дека на Балканот ќе има мир и безбедност под обединета закрила. Сега таа закрила е големиот европски чадор.Абдула Ѓул, поранешен претседател на Турција
Од турска гледна точка, проширувањето на ЕУ донесува стабилност и просперитет во еден проблематичен регион со кој Турција негува пријателство и растечки економски односи. Буквално кажано, Балканот за Турција е портата на Европа. Тука поминува рутата по која се движат турските камиони носејќи производи за извоз во Европската Унија, која за Турција е главен трговски партнер.
Турција има интерес регионот да стане дел од ЕУ, бидејќи со членството на Западен Балкан во ЕУ очекува да има пријателски настроени влади во ЕУ, како индиректен начин да се допре до срцето на Европа. Посебно во време кога турските односи со Европа не се најповолни, има смисла Турција да сака земјите од Западен Балкан да бидат дел од европскиот клуб.
Природно, Западниот Балкан е регион за кој Русија демонстрира особено силен и активен интерес. Важно е да се забележи дека, покрај тоа што врските помеѓу Турција и Русија се засилуваат, нема турско-руска координација во однос на Западен Балкан.
Накратко, турските односи со Западен Балкан вклучуваат многу области, но не презентираат алтернативен модел за регионот. Турција не ја гледа Европската Унија како свој конкурент, туку напротив го поддржува нејзиното проширување.
Но, како Турција го промени својот однос од минатото кон Западен Балкан?
Пристапот кон Западен Балкан по 2002 година
Откако ја презеде власта во 2002 година, турската конзервативна Партија на правдата и развојот (АКП) усвои три широки, последователни пристапи кон Западен Балкан: продолжување на нејзината евро-атланска традиција, „нео-отомански“ пресврт и прагматично ресетирање под водство на Ердоган.
Пред да дојде АКП на власт во 2002 година, турската политика за Западен Балкан беше во согласност со онаа на нејзините западни сојузници, особено САД. Ова не се промени радикално по 2002 година. Во 1990-тите години партнерството помеѓу Анкара и Вашингтон се зајакна, особено за време на и по војните во Југославија.
Турција активно ги поддржуваше муслиманите за време на војната во Босна, а по конфликтот имаше активна улога за стабилизација на регионот. За време на интервенцијата на Косово, Анкара ги координираше своите политики во тесни односи со американците. Подоцна разви топли односи со владите во Македонија, Босна и Албанија.
Во различни фази пред и по 2002 година, Турција исто така ја промовираше улогата на НАТО во овие земји, поддржувајќи ја Македонија на нејзиниот пат за зачленување во НАТО.
Турција исто така беше активна во пост-конфликтните иницијативи преку Обединетите нации и Организацијата за безбедност и соработка во Европа, придонесувајќи во мировниот процес во регионот. По војната во Југославија, турската војска разви блиски односи со Македонија, овозможувајќи помош за обука на нови воени кадри. Турција беше втората држава (после САД) која во 2008 година ја призна независноста на Косово.
За време на овој период, Турција себеси се гледаше стрикно како член на западната алијанса. Еден од водечките турски експерти за Балканот, Биргул Демиртас забележува: „Турскиот традиционален западен индентитет и интересот на Турција да го зачува својот идентитет по студената војна, беше важен фактор за формулирање на турската политика. Со активна улога на балканската сцена и поддржувачка улога во однос на Бошњаците на интернационалните платформи, Турција сакаше да ја докаже својата важност за западниот свет.“
Откако ја презеде власта АКП покажа јасна желба да го намали влијанието на кемалистите во Турција. Брзо стекна меѓународен кредибилитет со тоа што притискаше за забрзување на реформите неопходни за евроинтеграција на Турција. Западен Балкан не беше главна тема во овој период.
Што донесе ерата на Давитоглу?
Втората фаза од политиката на АКП кон Западен Балкан почна со растечкото влијание на министерот за надворешни работи Ахмед Давитоглу од 2009 година. Оваа фаза беше обележана со интензивни дипломатски односи на Туција во Западен Балкан.
Давитоглу веруваше дека за Турција да ја исполни својата историска судбина и да прерасне во глобална сила, треба да ја надополни својата западна ориентација со посилен интерес за Блискиот Исток и Балканот.
Во негово време земјата стана многу поактивна во овие региони. Тој не се фокусираше само на Босна и Албанија, туку развиваше блиски односи и со Македонија и Србија.
Во април 2010 година, на самит кој беше наречен „историски“, лидерите на Србија, Босна и Турција ја потпишаа Истанбулската декларација. Истата беше резултат на шатл дипломатијата на Давитоглу со месеци претходно. Турскиот претседател Абдула Ѓул, постирајќи фотографија од рацете на двата претседатели рече: „Тие кои ја читаат историјата треба да знаат дека на Балканот ќе има мир и безбедност под обединета закрила. Сега таа закрила е големиот европски чадор.“
Facebook Forum