Линкови за пристапност

Русија загрижена за христијанските мозаици во Аја Софија


Турција соопшти дека христијанските мозаици ќе бидат сокриени со завеси или со ласери за време на петочните молитви

За прв пат откако турската влада одлучи античката катедрала Аја Софија да ја претвори во џамија овој петок таму треба да се одржат исламски молитви. Москва изрази загриженост до Анкара за судбината на историскиот објект, вклучувајќи ги и нејзините светски познати христијански мозаици.

Портпаролот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека христијанските мозаици ќе бидат сокриени со завеси или со ласери за време на петочните молитви.

Неколку дена, откако судот во Истанбул го укина музејскиот статус на Аја Софија - отворајќи го патот за нејзино претворање во џамија - рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор со претседателот Ердоган сакаше да се увери за состојбата на мозаиците.

Руските православни лидери исто така изразија загриженост во врска со пренамената на објектот, што според нив е закана за христијанството.

Византиската катедрала од 6 век не е позната само како архитектонско чудо, туку е позната и по големите мозаици што ги прикажуваат Христос, Дева Марија и владетелите на Византија кои ги украсуваат масивните sидови на зградата.

Руската православна црква е моќна во рамките на руското општество. „Овие слики се многу важни за христијанството затоа што тоа беше голем споменик за христијанскиот народ“, рече професорот Зејнеп Ахнубај, кој 25 години работеше на реставрација и зачувување на Аја Софија.

„Мора да се преземат сите можни чекори за да се спречи штетата што може да биде предизвикана од набрзина направената промена на статусот на светски познатиот музеј“, се вели во изјавата на рускиот парламент.

Кога Аја Софија била претворена во џамија во 1453 година по османлиското освојување на тогашниот Цариград од страна на Фатих Султан Мехмед - познат во историјата како Мехмед Освојувачот - мозаиците подоцна биле покриени заради муслиманската доктрина која забранува фигуративни претстави во местата каде се одржуваат молитви.

Мозаиците беа откриени кога Аја Софија беше претворена во музеј во 1934 година од основачот на турската секуларна република, Мустафа Кемал Ататурк.

Русија и Турција во моментот не се согласуваат за прашања како што се Сирија и Либија, но Москва ретко јавно ја критикува Анкара за домашните работи.

Анкара брза да ја смири растечката загриженост нудејќи уверување за иднината на уметничкото дело на Аја Софија.

Првично, турското претседателство предложи софистицирано осветлување за да се затскријат сликите. Во провладините весници, употребата на „темни ласери“ беше наведено како решение без да се објасни што е тоа темен ласер.

Употребата на ласери предизвика загриженост во врска со потенцијалниот ризик по интегритетот на скоро илјадници години старите уметнички дела. Сепак, по посетата на Ердоган во неделата на Аја Софија за да ги провери подготовките за пренамена на објектот, завесите сега се претставени како поизводливо решение.

Власта, исто така, вети дека ќе го заштити интегритетот на зградата ветувајќи дека „дури и шајка не би се користела“ при инсталирање на системот.

Во Турција, завесите веќе се користат во други случаи каде поранешни цркви се пренаменети во џамии. Но, тоа се многу помали згради.

Анкара работи напорно за да ги смири контроверзите. „Наша цел е да избегнеме штети на фреските, иконите и историската архитектура на градбата“, тврдат турските власти.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG