Во време на зголемени тензии на Корејскиот Полуостров, сите 100 американски сенатори се во Белата куќа каде се одржува брифинг зад затворени врати посветен на заканите на Северна Кореја и стратегијата на администрацијата на Трамп да се спротивстави на сето тоа. Брифингот ќе го водат секретарот за одбрана Џим Матис, државниот секретар Рекс Тилерсон, директорот за национално разузнавање Ден Коатс и началникот на здружениот генералштаб, Џозеф Данфорд.
Сенаторите на обете партии се апсолутно убедени дека Северна Кореја вложува напори за зголемување на капацитетите да изврши нуклеарен напад врз САД.
„Сакам да слушнам повеќе за можностите на Северна Кореја, за нашите напори Кина да се вклучи во вршењето притисок врз Северна Кореја да се повлече, како и за други опции во смисла на санкции, што може понатаму да ги разгледаме“, изјави сенаторката Сузан Колинс во интервју за Гласот на Америка.
Претседавачот на Сенатската комисија за вооружени служби Џон Мекејн, ја опиша нуклеарно-способната Северна Кореја како закана од историски пропорции.
„Мислам дека ситуацијата од одреден аспект е опасна како кризата со проектили на Куба“, изјави Мекејн за српската редакција на Гласот на Америка. Тој додаде дека режимот на Ким Јонг Ун, е многу понестабилен за разлика од неговиот татко или дедо, така што воените опции мора да останат на маса.
Сенаторот Крис Кунс за Гласот на Америка изјави дека севернокорејскиот претседател се чувствува загрозен од страна на САД и како резултат, вложува многу напори да развие, „веродостоен нуклеарно оружје за одвраќање“.
„Со секој тест, Ким Јонг Ун се приближува кон неговата цел а тоа е превентивен нуклеарен напад врз американски градови“, изјави Харис пред членовите на Комисијата за вооружени служби.
Тој ги повика законодавците да ја разгледаат можноста за поставување на дополнителни системи за противракетна одбрана на Хаваите.
Претседателот Трамп претходно изјави дека „статус-кво во Северна Кореја“ е неприфатливи и дека Советот за национална безбедност на ОН мора да биде подготвен за воведување на дополнителни и поостри санкции за нуклеарните програмите за балистички проектили на Северна Кореја.
Овие коментари уследија откако по прашањето на Северна Кореја, имаше одделни телефонски разговори на лидерите на Јапонија, Кина и Германија.
Јапонскиот премиер Шинзо Абе, кажа дека тој и Трамп се согласиле дека Кина треба да има поголема улога во справување со Пјонгјанг.
Трамп разговараше и со неговиот кинески колега, Ши Џинпинг во врска со Северна Кореја, кој, според новинската агенција Ксихуа, изјавил дека се надева оти сите страни ќе избегнат какви било активности што би ја влошиле и онака тензичната ситуација на Корејскиот Полуостров.
Трамп и членови на неговата администрација на неколкупати имаат кажано дека сите опции остануваат „на маса“ за справување со дополнителните провокации од Северна Кореја.
Facebook Forum