Новоизбраниот претседател Доналд Трамп на својот профил на Твитер, кажа дека, „САД мора во голема мера да ги зајакнат и прошират своите нуклеарни способности, додека не дојде време кога светот не се вразуми во однос на нуклеарното оружје“.
Трамп притоа не даде контекст, ниту детали за тоа што точно мислел со пораката. За ТВ-мрежата Ем-Ес-Ен-Би-Си (MSNBC), тој денеска изјави: „Нека се случи трка во вооружувањето. Ќе ги надминеме сите во секој потег“.
Неговиот прес-секретар Шон Спејсер, потоа кажа дека нема да има трка во вооружувањето, бидејќи, како што рече, другите земји би се вразумиле по прашањето.
Рускиот претседател Владимир Путин за време на годишната прес-конференција, изјави дека не гледа ништо невообичаено во ветувањето на Трамп за зајакнување на американските нуклеарни сили и дека оваа реторика била присутна за време на кампањата. Тој додаде дека иако САД имаат поголема армија, Американците не ги гледа како потенцијален агресор и дека фокусот на Русија би требало да биде на проектилите што може да навлезат во кои и да било постоечки системи на нуклеарна одбрана.
Портпаролот на транзициониот тим на Трамп, Џејсон Милер, кажа дека идниот лидер на САД говорел за потребата да го држи нуклеарното оружје настрана од рацете на терористите и опасните светски лидери.
Портпаролот на Стејт департментот Џон Кирби, во четвртокот истакна дека администрацијата на претседателот Барак Обама се обидува „да не` стави на патека за постоење на свет без нуклеарно оружје. Прво , преку намалување на нашите залихи и лансирни рампи. Второ, намалување на улогата на нуклеарното оружје во нашата безбедносна стратегија и трето, обезбедување на договорот со Иран“.
Според американски експерти, САД и Русија поседуваат речиси ист број на оружје во нивниот нуклеарен арсенал, или секој по 7.000.
Во 2010-та година, овие две земји потпишаа важен договор за вооружување, со кој, секоја од страните требаше да го ограничи бројот на нуклеарните боеви глави и лансирни рампи.
Русија кажа дека американскиот систем за противракетна одбрана во Источна Европа претставува закана, додека САД велат дека неговата цел е да пресретне можен поектил од Иран.
За време на претседателската кампања, Трамп рече дека модернизирањето на американскиот нуклеарен арсенал е потребно „за да се обезбеди дека и натаму ќе биде ефикасен одвраќач или пречка“.