Додека медиумите и американските претседатели низ годините долго време соработувале, иако честопати имале антагонистички однос, се чини дека откако Доналд Трамп ја презеде функцијата, анимозитетот ескалираше.
Трамп на неколку наврати медиумите ги окарактеризираше како „непријател на народот“, а печатот го нарече „опасен и болен“, па дури кажа и дека новинари можат да „предизвикаат војна“.
Одредени американски медиуми изјавуваат дека слушнале доволно од реторика на претседателот, за која сметаат дека е опасна. Весници од целата драва денеска спроведоа координирана уредувачка кампања, предводена од „Бостон глоуб“ (The Boston Globe), во која се вели дека „нечистата војна врз слободата на печатот, мора да заврши“. „Глоуб“ додаде дека во кампањата учество ветиле речиси 350 новински организации.
„По повеќе од два века, овој фундаментален американски принцип, ги штити новинарите дома и служи како модел за слободен народ во странство“, се вели во уредничкиот коментар на „Бостон глоуб“. „Денес, тој принцип е под сериозна закана и испраќа алармантен сигнал до деспотите од Анкара до Москва, од Пекинг до Багдад, дека новинарите може да се третираат како домашен непријател“.
Во уредничкиот коментар на „Њујорк тајмс“, се вели дека во време кога весниците низ целата држава се под вистински комерцијален и политички притисок, сметаме дека е важно да покажеме солидарност“.
Трамп, кој минатиот месец имаше средба со издавачот на „Њујорк тајмс“, А.Г. Сулцбергер, разговараше за, како што кажа, „бројните лажни вести што ги објавуваат медиумите“.
Сулзбергер потоа издаде соопштение, во кое кажа дека речникот на претседателот „не само што смета дека предизвикува раздор, туку е и се` поопасен“.
„Новинарите и уредниците на вестите се човечки суштества и прават грешки. Корегирањето е суштината на нашата работа“, се додава во денешниот уреднички коментар на весникот. „Но инсистирањето на тоа дека вистината којашто не ви се допаѓа е ‘лажна вест’, е опасно за суштината на демократијата. Нарекувањето на новинарите ‘непријатели на народот’, е опасно, точка“.
Секој весник којшто учествуваше во кампањата, во која се вклучени големи и мали весници низ политичкиот спектар, имаа свој уреднички коментар.
Весникот The Tennessean вели: „Нашата порака е во согласност со нашите вредности, а тоа е одбрана на Првиот амандман, да се залагаме за учтивост и да им дадеме глас на безгласните луѓе“.
Од весникот, за Гласот на Америка изјавија дека, „овде претседателот не е цел, ова се однесува на одбрана на нашите вредности и институции“.
Во кампањата не учествуваат само весници. Здружението за дигитални, радио и ТВ вести, ги повикува своите 1.200 членови да посветат време на емитување и објавување и споделување содржини и информации на нивните социјални мрежи, за улогата што ја играат за зачувување на правото и потребата на јавноста да знае за владата.
Сепак, некои конзервативни медиумски критичари тврдат дека ова е прекумерна реакција на медиумите.
Кампањата на „Бостон глоуб“ „покажува колку е тенка кожата на медиумите во случајов“, изјави Дон Ирвин, претседател на непрофитната организација „Точност во медиумите“.
„Иако нападите на Трамп врз медиумите се поизразени од кој и да е претседател од времето на Никсон, наваму, тој го задржува правото да го изрази сопственото мислење“, изјави Ирвин за Гласот на Америка. „Се чини дека печатот има впечаток за непишано правило дека претседателот не може да ги нападне медиумите, дури и ако тие не се во право. Трамп знае дека довербата на јавноста во медиумите е на најниско ниво досега и ја користи таа предност“.
Претседателот „го искористи постоечкиот негативен став кон медиумите“, вели главниот уредник на анкетите на „Галуп“, Френк Њупорт.
„Морам повтроно да истакнам дека сме виделе многу негативни ставови кон медиумите бројни години уште пред Доналд Трамп да одлучи да се кандидира за претседател“, изјави Њупорт за Гласот на Америка. „Не постои дилема за тоа, нашите и на други анкети покажале дека во интевјуата, Американците велат дека медиумите се пристрасни“.
Facebook Forum