Претседателот на САД, Доналд Трамп во вторникот се обрати на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, осврнувајќи се на склучувањето на двата големи трговски договори и изјави дека Американците „повторно победуваат како никогаш порано“.
Трамп зборуваше за она што го оцени како победа за работниците од средната класа и компаниите, вклучувајќи ја и првата фаза од трговскиот договор со Кина и одобрувањето на Сенатот на новиот трговски договор со Канада и Мексико.
„Кога зборував на овој форум пред две години, реков дека го започнавме големиот американски кам-бек“, рече Трамп. „Денес сум горд што можам да соопштам дека САД се наоѓаат во услови на економски бум, каков што светот досега не видел“.
Пред во среда да се врати во Вашингтон, на маргините на конференцијата Трамп треба да има одделни средби со неколку други светски лидери.
На агендата на Трамп, според Белата куќа, се средбите со ирачкиот претседател Бархам Салих, пакистанскиот премиер Имран Кан, швајцарската претседателка Симонета Сомаруга, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, како и со претседателот на курдската регионална влада Нечирван Барзани.
На прашањето за активистката за животна средина, Грета Тунберг, која требаше да отвори дебата за тоа како да се избегне „климатска апокалипса“ непосредно по говорот на Трамп, американскиот лидер рече „многу верува во животната околина“ и рече дека сака чист воздух и вода.
Трамп ја исмеваше шведската тинејџерка откако магазинот „Тајм“ ја прогласи за личност на годината за 2019.
Пред отворањето на конференцијата, стотици еко активисти се упатија кон Давос, некои од нив носејќи костими на коали за да ги истакнат разорните пожари во Австралија и да ги повикаат светските лидери да преземат поагресивна акција во однос на климатските промени.
Facebook Forum