За околу два месеци Доналд Трамп ќе биде инаугуриран како 45-тиот претседател на САД.
Трамп е моментално зафатен со формирањето на новата администрација, неговиот Кабиент и назначувањето на кандидати на високи фунции.
По неговата победа, во говорот на 9-ти ноември можеше да се забележи нота на помирување кога тој рече: „Време е да се обединеме“.
Исполнување на предизборните ветувања
Една од првобитните цели на Трамп е да ги протне економските мерки во Конгресот кои се однесуваат на оние кои неговите поддржувачи ги нарекуваат „заборавените мажи и жени“ односно американската работничка класа која се обидува да се избори со последиците од глобализацијата. Токму белите гласачи од работничката класа во клучните држави како што се Пенсилванија, Охајо, Мичиген и Висконсин а кои важеа за продемократски излегоа во голем број да гласаат за Трамп.
„Овие гласачи ќе очекуваат промени“, вели Даниел Хамилтон, извршен директор на Центарот за трансатлантски односи при Школата за меѓународни односи во Вашингтон. „Се уште видливи се ефектите од рецесијата и финансиската криза во САД и бројките покажуваат назадување на економскиот раст на САД, иако не толку голем број на луѓе беа афектирани. Токму тие граѓани во основа направија револуција“, вели Хамилтон.
Политички немири
По изборот на Трамп следеа бројни протести низ целата земја - од Њујорк и Масачусетс на исток до Орегон и Калифорнија на запад.
Според Трамп, протестите се организирани од професионални демонстранти, иако самите демонстранти велат дека протестираат поради страв од она што Трамп ќе го направи како претседател во однос на имигрантите и бегалците. Лидерката на протестот во Масачусец изјави дека протестите не се поради загубата на изборите и горката изборна кампања. „Разочарана сум, но повеќе се плашам“, рече таа додека демонстрантите маршираа зад неа.
Следеа и постизборни инциденти во кои беа заплашувани Муслиманите и малцинствата. Трамп беше прашан на оваа тема во интервјуто на ТВ CBS при што тој изјави „Жал ми е што го слушам ова и велам престанете, ако тоа помогне“.
Балансирање на конкурентските цели
Да се обедини народот по една ваква кампања беше пораката и на претседателот Барак Обама на конференцијата која ја одржа во понеделникот во Белата Куќа пред заминувањето во Грција. „Важно е да се испратат помирувачки пораки до малцинствата, жените и до сите други кои беа загрижени поради реториката во кампањата“.
Политичките немири растат додека Трамп ја формира новата администрација, во која е вклучен и лидерот на републиканската партија – Рејнс Прибус како шеф на кабинетот, како и контроверзниот новинар Стефан Банон како негов политички советник. Банон беше извршен директор на „Брајтбарт Њуз“, веб-страница фаворизирана од страна на десничарските ултранационалисти што предизвика низа критики упатени од организации кои се борат против говорот на омраза.
Предизвикот на транзицијата
Првиот тест на Трамп во следниве неколку недели ќе биде составувањето на новата администрација, а неговиот статус на политички аутсајдер кој ќе гледа да ги истреби постојните политичари и естаблишменотот во Вашингтон го прави предизвикот уште поголем. „Составувањето на новата администрација е значаен процес во Америка и како политички аутсајдер тој ги нема традиционалните врски со луѓето кои во друга ситуација би биле дел од администрацијата“, вели Џон Фортиер од Центарот за двопартиска политика во Вашингтон.
Способноста на Трамп да ги исполни своите предизборни ветувања но истовремено да работи и на обединување на народот зависи од тоа колку е подготвен да ја смени неговата реторика која ја користеше во текот на кампањата.
„За време на кампањата имавме една претстава за Трамп, но по изборите видовме и една друга, попригушена верзија негова“, вели Роли Мејнолдс од Институтот „Брукингс“. Тој додава дека прашањето дали Трамп ќе се однесува во Белата куќа, како и за време на кампањата останува се` уште непознато.
Во следните недели се очекува Трамп да ги објави имињата на членовите на неговиот Кабинет и тие назначувања ќе бидат показател на насоката во која новата администрација ќе ја води државата.