Линкови за пристапност

Во САД разгорена дебатата за стекнување државјанство


Некои го поставуваат прашањето дали правото од 14-тиот амандман на Уставот, кое предвидува државјанство со раѓање, се однесува и на оние кои не престојуваат легално во државата

Најавата на претседателот Доналд Трамп, дека има намера да потпише извршна наредба со која се ускратува правото на државјанство за бебиња родени во САД од родители кои не се американски државјани или нелегално престојуваат во САД, предизвика политичка бура и ја разгори правната дебата.

„Тоа е во процес. Тоа ќе се случи“, рече Трамп во интервју за „Аксиос“ на ХБО запрашан за прекинување на актуелната американска политика која дозволува право на државјанство со раѓање. „Тоа е смешно“, додаде Трамп. „Тоа мора да заврши.“

Претседателот рече дека САД е единствена држава која овозможува право на државјанство со раѓање. Но, постојат 30 други држави, вклучувајќи ги и соседите на САД, Канада и Мексико, кои имаат слични закони. Од друга страна, некои држави во последните декади, вклучувајќи ги и Австралија, Британија, Франција, Индија и Ирска, го укинаа таквото право.

Трамп рече дека за идејата разговарал со својот адвокат, кој го информирал дека не е потребен уставен амандман за укинување на правото на државјанство со раѓање, во правната регулатива познато како jus soli.

Законодавците од партијата на Трамп сепак имаат различно мислење во однос на ова прашање.

„Конечно, претседател кој е подготвен да преземе мерки за оваа апсурдна политика на правото на државјанство со раѓање“, напиша на Твитер републиканскиот сенатор Линдзи Греам, објавувајќи дека ќе воведе легислатива по примерот на предложената извршна наредба на Трамп.

Но, когресменот Карлос Курбело, кој ја претставува Флорида во 26-тиот дистрикт, каде поголем дел од жителите се родени во странство, вели дека претседателот не може да го укине правото на дражавјанство со извршна наредба бидејќи тоа е предвидено со уставен амандман и затоа е заштитено со Устав.

„Она што навистина ни треба се прошироки реформи на имиграционата политика кои ќе ја направат нашата држава посигурна и ќе ја реафирмираат нашата прекрасна традиција како нација на имигранти“, напиша Курбело на Твитер.

Уставните експерти веќе расправаат за тоа како судиите ќе гледаат на неизбежниот правен предизвик за извршниот поредок. Она за што сите се согласуваат е толкувањето на 14-тиот амандман.

„Го цениме јазикот во 14-тиот амандман, но Врховниот суд на САД никогаш не прецизираше дали тој јазик“ се однесува на оние кои не престојуваат легално во државата, рече потпретседателот Мајк Пенс во своите забелешки во вторникот.

„Тоа е отворено прашање“, се согласува Џон Истман, професор по право на Центарот за уставно правосудство при универзитетот Чапман.

Амандманот ратификуван во 1868 година имаше за цел да осигури дека поранешните робови по Граѓанската војна нема да гледаат на своите основни права како граѓани ограничени од се’уште непокорните јужни држави.

Амандманот гласи: „Сите лица родени или натурализирани во САД, и се под нивна јурисдикција, се државјани на САД и на државата во која живеат.“

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG