Во рамките на кампањата за одбележување на Меѓународниот ден за видливоста на трансродовите лица - 31 Март, денеска напладне, Иницијативата за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица, организираше „Марш за видливост“ на улиците на Скопје, од Министерството за правда до Управата за водење на матични книги, со кој и порачаа на македонската јавност, дека нема да престанат да маршираат „сè додека трансродовите лица во Македонија не ги уживаат човековите права!“.
Иницијативата за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица во Северна Македонија – „ТрансФорма“, во текот на март 2019, спроведува Кампања за видливост на трансродовите луѓе, со што се приклучи на глобалната акција за солидарност кон трансродовата заедница, за и во Република Северна Македонија да се намали бројот на случаи на насилство и на дискриминација врз оваа маргинализирана група. Трансродовите лица и нивните поддржувачи се борат против традицијата, затвореното општество и предрасудите кон луѓе кои на било каков начин се разликуваат од мнозинството,со желба јавно да можат да го изразат својот идентитет и своите чувства, „рамо до рамо со сите други граѓани“..
Четириесеттина трансродови лица и поддржувачи на трансродовата заедница од граѓанскиот сектор, денеска со транспаренти и маички со слоганите „Јас сум лице Х“, „ТрансФормирај се!“, „ТрансИнформирај се!“, порачаа дека со „Маршот за видливост“ сакаат да ги охрабрат „институциите и стручната јавност да го отворат прашањето за регулација на правата на трансродовите лица“.
Организаторите на настанот се надеваат дека нивните заложби за регулација на правата на трансродовите лица, ќе придонесат за намалување – до исчезнување - на насилството и дискриминацијата врз нив.
„Видливоста значи препознавање на постоењето, на потребите и на гласот на група луѓе, ваши сограѓани од различна возраст и со различна национална и религиозна припадност... Нашата Иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица во Северна Македонија – ‘ТрансФорма’, преку овој марш, сака да го сврти вниманието кон прашањата кои ја засегаат нашата заедница... Нашите почетоци беа скромни и се засноваа на цврстата увереност дека нашиот глас ќе биде слушнат. Зошто е сето тоа потребно? Затоа што во 2018, во Република Македонија, преку коалицијата ‘Маргини’ се поднесени пријави за 49 случаи во кои се повредени правата на трансродовите лица, од кои 27 се однесуваат на различни форми на насилство, четири пријави се за непостапување на полицијата и две пријави се до државни институции - за вознемирување врз основа на родов идентитет... “, изјави на настанот говорничката Лила.
Во пораката пак, на организаторите на денешниот настан, за нивните заложби се вели, дека пред сѐ, тие се однесуваат: „... на правото на идентитет, што треба да биде соодветно изразен во нашата лична документација. Се однесува на правото на телесен интегритет, односно, да не сме присилени на какви било медицински интервенции против наша волја. Се однесува на нашето право да бидеме рамноправни граѓани на оваа држава кон која придонесуваме со нашата образованост, работа и труд, како и другите граѓани. Заслужуваме безбедност, рамноправност и почит кон нашиот идентитет како и сите други граѓани!“
Иако Македонија е главно традиционално општество, активноста на невладините организации полека води кон промени и кон созревање на свеста за постоењето на „инаквите“, и од потребата за поинаков однос кон припадниците на маргинализираните групи. Така, кон крајот на февруари, на социјалните мрежи беше објавено личното сведоштво на „лицето Х“, кое ја доби првата пресуда против државата Македонија на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, а во кое лицето зборува за сопственото трансродово искуство, за внатрешната борба и борбата со патријархалната средина и со државниот апарат.
Меѓународниот ден на видливост на трансродовите лица - 31 Март, е посветен на јакнење на општествената свест за проблемите со дискриминацијата со која секојдневно се соочуваат трансродовите лица ширум светот, а востановен е во 2009 година во Мичиген, САД, од американската транссексуална активистка Рејчел Крндалд.
Facebook Forum