Ескалираа трансатлантските и северноамериканските трговски односи. САД наметнаа царини од 25 отсто за увоз на челик и 10 отсто за увоз на алуминиум од Европската Унија, Канада и Мексико.
САД воедно преговараат за квоти или ограничувања и со други земји, како Јужна Кореја, Аргентина, Австралија и Бразил, наместо да воведат царини, најави секретарот за трговија Вилбур Рос.
Министерството за надворешни работи на Кина по одлуката на САД, соопшти дека сите земји треба да си го заштитат нормалниот трговски поредок.
Претседателот Трамп во четвртокот изјави дека деновите кога САД беа „искористувани“ во врска со трговските договори „се завршени“, во грубо формулирана изјава со која одговори на критиките од канадскиот премиер Џастин Трудо за новите царини за челик и алуминиум.
Трамп во неколку наврати кажа дека таквите мерки се неопходни за заштита на американските работни места и индустриите во клучните производни сектори.
„Чекорите на претседателот се однесуваат за заштита на американскиот челик и алуминиум“, рече портпаролот на Белата куќа Раџ Шах, за „Фокс њус“.
Но, негативната реакција од некои од најважните стратешки сојузници на Америка, беше брза и жестока.
Трудо царините ги нарече „целосно неприфатливи“ и вети контра-мерки.
„Оваа одлука не е само незаконска, туку таа преставува грешка во многу аспекти“, рече францускиот претседател Емануел Макрон, предупредувајќи дека „економскиот национализам води кон војна“.
Лош ден за светската трговија
„Ова е лош ден за светската трговија“, одговори претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, кој најави дека нема „друг избор“, освен спорот да биде разрешен во рамки на Светската трговска организација и да се воведат дополнителни царини за голем број американски производи.
Одмаздничките царини од Европската Унија се очекува да опфатат американски производи во вредност од неколку милијарди долари, вклучувајќи ги и познатите американски производи како моторите Харли Дејвидсон и фармерките Левис, како и алкохолните пијалоци Кентаки Бурбон и Тенеси виски.
Рос за „Си-Ен-Би-Си“ рече: „Тоа е само мал, мал дел од 1 отсто“ од трговијата.
Секретарот за трговија, банкар по професија и познат по реструктуирањето на бројни компании, предвиде дека американските трговски партнери „ќе го надминат ова за догледно време“.
„САД во трговска војна со целиот свет, нема да оди на добро“, предвиде Симон Лестер, аналитичар за трговска политика во Институт Като.
Чекорот не е популарен и кај некои членови на Конгресот, вклучувајќи ги и оние од партијата на Трамп, чии сојузни држави се зависни од извозот.
„Наметнувањето царини за челик и алуминиум врз нашите најважни трговски партнери, е погрешен пристап и претставува злоупотреба на власта наменета само за цели на националната безбедност“, рече Боб Коркер од Тенеси, кој е претседател на Сенатската комисија за надворешни односи.
„Вие не ги третирате сојузниците исто како што ги третирате противниците“, рече републиканскиот сенатор Бен Сасе од Небраска. „Протекционизмот е една од причините што имавме голема депресија. Да се направи Америка голема, повторно, не треба да значи дека треба да ја вратиме Америка во 1929-та".
Мексико рече дека, за возврат, ќе го оданочи увозот на САД, вклучувајќи свинско месо, јаболка, грозје, сирење и челик.
„Има причина зошто“ земјите внимателно избираат кои американски производи ќе бидат зафатени како одговор, рече Вилијам Реинш, виш советник во Центарот за стратешки и меѓународни студии.
„Поголемиот дел на бурбон се прави во Кентаки, која е држава на лидерот на мнозинството во Сенатот. Харли Дејвидсон се произведува во Висконсин, која е држава на спикерот на Претставничкиот дом“, изјави Реинш за Гласот на Америка.
„Царините за увоз на челик и алуминиум ќе доведат до зголемување на даноците за Американците и ќе имаат штетни последици за потрошувачите, производителите и работниците“, рече републиканецот Орин Хеч, кој претседава со Комисијата за финансии на Сенатот и е долгогодишен застапник за прекинување на трговските бариери.
Трамп во март објави дека САД ќе наметнат вакви царифи, со исклучок на Европската Унија и другите сојузници на САД кои ќе започнат на сила од денес.
Загриженоста на глобално ниво беше причина за намалување на вредноста на акциите во САД во четвртокот.
Facebook Forum