Линкови за пристапност

Секретарот Тилерсон е горд на дипломатијата на САД


„Додека внимаваме на одбрaната од руската агресија, воедно ја препознаваме потребата да работиме со Русија, онаму каде имаме заеднички интереси“, истакна државниот секретар во напис во денешен „Њујорк тајмс“

Државниот секретар на САД Рекс Тилерсон, ги нагласи овогодишните дипломатски достигнувања на администрацијата на претседателот Доналд Трамп, велејќи: „Американците треба да бидат охрабрени“ од тоа како САД, заедно со Кина, се справуваат со нивната „најголема закана по безбедноста“, а тоа е Северна Кореја.

Во напис објавен во денешното издание на весникот „Њујорк тајмс“, Тилерсон истакна дека Трамп „ја напушти неуспешната политика на стратешко трпение“ и ја усвои „политиката на притисок“ кон Северна Кореја „преку дипломатски и економски санкции“.

На 22-ри декември, Советот за безбедност на ОН воведе нови санкции против Северна Кореја, и тоа преку намалување на залихите на гориво и негова испорака, и апел за протерување на Севернокорејци кои работат во странство, обезбедувајќи значаен извор на приход за Пјонгјанг.

Тилерсон воедно кажа и дека притисокот од страна на САД и нивните сојузници, „отсекол околу 90 проценти од приходите од извозот на Северна Кореја“, од кој повеќето, вели тој, Пјонгјанг го користи за финансирање на развојот на нелегалното оружје.

„Се надеваме дека оваа меѓународна изолација ќе го притисне режимот на сериозни преговори, за напуштање на нуклеарните и балистички програми“, напиша шефот на американската дипломатија.

Откако годинава ги надмина технолошките пречки да развие модерна програма за нуклеарно оружје, севернокорејскиот лидер Ким Јонг-Ун на 25-ти декември ги осуди новите санкции, велејќи дека се „акт на војна“ и дека отстапувањето од нуклеарното оружје на неговата земја е „илузија“.

Американскиот шеф на дипломатијата додаде дека Кина вовела одредени забрани за увоз и санкции против Северна Кореја, „но може и треба да стори повеќе“. Тој рече дека САД ќе разговараат со Кина за прашања како што се трговскиот дисбаланс и кинеските „вознемирувачки воени активности во Јужното Кинеско Море“. САД исто така „внимателно размислуваат“ како да управуваат со своите долгорочни односи со Кина, земја што тој ја опиша како растечка „економска и воена сила“.

Тилерсон ја пофали улогата на САД во враќањето на територијата во Ирак и Сирија што беше во рацете на Исламската држава и новата стратегија на владата околу Јужна Азија фокусирана на Авганистан. Тој додаде дека Авганистан „не може да стане засолниште за терористите“ и го повика Пакистан да се бори против терористите „на своја почва“.

„Подготвени сме да соработуваме со Пакистан за да ги победиме терористичките организации кои бараат засолништа, но оваа земја мора да покаже желба да соработува со нас“, напиша тој.

Највисокиот американски дипломат призна дека САД имаат лоши односи со „заживената Русија“ која изврши инвазија врз соседните земји Грузија и Украина и „го поткопа суверенитетот на западните земји, преку мешање во нашите и во изборите на други земји“.

Кусо време откако Трамп го отпушти директорот на ФБИ Џејмс Коми, кој ја водеше истрагата за Русија, поранешниот директор на агенцијата, Роберт Милер, беше назначен за специјален советник во истрагата за тоа дали некои членови на кампањата на Трамп заговориле со руски агенти во период пред изборите во 2016-та.

Претходно годинава, американската разузнавачка заедница објави извештај во кој се заклучува дека Русија се вмешала на претседателските избори во САД, покажувајќи предност за Трамп пред Хилари Клинтон. Истовремено, по ова прашање во тек се и неколку други истраги во Конгресот. Русија негираше дека била вмешана во изборите, а Трамп порекна какви било договори со Русите.

„Додека внимаваме на одбрната од руската агресија, воедно ја препознаваме потребата да работиме со Русија, онаму каде имаме заеднички интереси“, напиша Тилсон, наведувајќи ја актуелната граѓанска војна во Сирија, каде обете држави ги поддржуваат спротивставените страни, но се залагаат за одржување мировни преговори.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG