Линкови за пристапност

Интерактивна терапија


Интерактивна терапија
Интерактивна терапија

Компјутерите ги менуваат нашите животи. Тие дури го наоѓаат своето место во медицината, каде се употребуваат за обучување на медицински персонал и нудат терапија на пациенти. Во Институтот за креативна технологија на Универзитетот на Јужна Калифорнија, научниците креираат високотехнолошки програми за американската армија што може да им помогнат и на цивили.

На војници кои претрпеле трауми во војна, може да им се помогне со интерактивна програма. Скип Ризо кој управува со истражувачката група во центарот за за медицинска виртуелна реалност вака ја опишува:

„Пациентот е во комплетна контрола, но ние може да ги ставиме во средина каде постепено ќе ја заоструваме нејзината провокативна природа. На тој начин на пациентот му е дадена можност да се конфронтира со предизвикувачки трауматски спомени и емотивно да процесира некои од демоните што излегуваат од нив“.

Во друг дел од центарот, компјутерски генерирана фигура – со седа коса, пријателска и армиска, се однесува како советник на интернет програма што исто така е развиена со помош на армиско финансирање. Фигурата е симулиран инструктор кој нуди помош на армиски лица и ветерани кои имаат проблеми. Џош Вилијамс ја развил програмата:

„Им се дава прелиминарна проценка за тоа дали треба да бидат повеќе загрижени за симптомите што ги имаат и со таа оценка инструкторот може да ја ескалира конверзацијата упатувајќи ги да разговараат со некого“.

Ако пациентот сака упат за советување во реалниот живот од регионот каде што се наоѓа, виртуелниот советник може тоа да го обезбеди.

Новите терапевти наскоро ќе можат да ги развиваат своите вештини во третирање на војници со пост-трауматски стрес низ програма што овде се развива. Компјутерскиот научник Патрик Кени раководи со лабораторијата на виртуелни пациенти, и вели дека на студентите им дава да интервјуираат симулирани војници.

Тој вели дека со овие програми не само што се обучуваат терапевти, туку се рафинираат третманските протоколи за депресија, синдром на пост-трауматски стрес, и други состојби.

Истражувачите креираат програми за физички хендикепирани лица. Марк Болас ја надгледува оваа програма за која вели дека инкорпорира раскажување приказни и графики од областа на филмот и дизајни за компјутерски игри. Тој вели дека овој систем за рехабилитација употребува тридимензионална камера од новиот систем за игри Кинект на Мајкрософт. Ако, на пример сакате да покажете вежба за рамнотежа, тридимензионалната камера покажува како тоа се прави.

Центарот добива експертиза од американската армија, холивудски раскажувачи и уметници за специјални ефекти, креатори на видео игри и традиционални научници. Истражувачот Скип Ризо вели дека тоа е продуктивна интеракција.

Тој додава дека виртуелните програми не можат да ја заменат човечката интеракција, но обезбедуваат дополнителна помош за терапевтите.

XS
SM
MD
LG