Линкови за пристапност

ОН: Сириската влада и бунтовничките сили прават масакри


Комисија на ОН вели дека има докази дека двете страни направиле најмалку по осум масакри за последната година ипол.

Истражителите на ОН ги обвинуваат и сириската влада и опозиционите сили, вклучувајќи ги странските исламистички борци, за воени кривични дела. Но тие забележуваат дека владата е таа што го направила најголемиот дел од убивањето и други злоупотреби.

Петер Букерт, директор за вонредни ситуации на групата Хјуман рајтс воч со седиште во Њујорк, за Гласот на Америка кажа дека извештајот на ОН го наоѓа многу силен и вознемирувачки.

„Тој покажува дека прекршувањата кои се сторени во Сирија продолжуваат со ист интензитет, ако не и поголем од порано. Нивото на масакри, масовни егзекуции, недискриминирачки бомбардирања на градови, како и значително зголемување на криминални дела сторени од опозиционите сили, особено од некои поекстремни елементи, како џихадистички групи.“

Најновиот извештај ја покрива работата на комисијата од 2011 до средината на јули, и ќе биде поднесен до Советот за човекови права на ОН следниот понеделник. Тој вели дека непрекинатото гранатирање убило илјадници цивили и раселило население од цели градови. Тој ја опишува Сирија како бојно поле каде масакри се прават неказнето.

Извештајот вели дека непознат број на мажи, жени и деца исчезнале, многу се убиени во притвор и преживеани живеат со физички и ментални лузни од тортура. Тој вели дека болници и училишта биле бомбардирани.

Истражителите забележуваат нагло растење на бројот на земени заложници и киднапирања од про-владините и опозиционите сили. Тие велат дека овие акти се мотивирани од финансиска добивка или со размена на затвореници држени од спротивната страна.

Тие велат дека про-владините сили користат закана за силување како средство за тероризирање и казнување на жени, мажи и деца кои се сметаат за поврзани со опозицијата.

Петер Букерт од Хјуман рајтс воч вели дека некои елементи на опозицијата не се ништо подобри од владата на Асад кога станува збор за почитувањето на човекови права.

Тој забележува дека над 100.000 луѓе биле убиени во конфликтот а повеќе од два милиони биле принудени да ја напуштат Сирија и милиони други се раселени внатре во државата.

Извештајот не го покрива нападот со хемиско оружје од 21 август што уби над 1.400 лица во населба на Дамаск. САД за нападот ја обвинуваат сириската влада, обвинение што владата го одбива.

Букерт, кој е автор на неодамнешниот извештај на Хјуман рајтс воч за хемиско оружје, дава поддршка на ставот на Вашингтон. Тој вели дека извештајот на групата презентира убедливи докази дека владата на Асад е зад хемискиот напад.
XS
SM
MD
LG