Линкови за пристапност

Врховниот суд на САД, верската слобода и приватното претприемништво


По одлуката дека одредени сопственици на бизниси од верски причини може да одбијат да ги покријат трошоците за контрацепција на вработените

Американскиот Врховен суд вчера пресуди дека одредени американски сопственици на бизниси од верски причини може да одбијат да ги покријат трошоците за контрацепција на своите вработени, инаку дел од универзалното здравствено осигурување што го налага законот. На одлуката се гледа како на историска, во однос на основните гаранции за верска слобода, но истовремено и како на голем удар на Законот за реформа на здравствената заштита, донесен по иницијатива на претседателот Барак Обама, а што стана познат како „Обамакеар“.

На самиот влез на судот, верските конзервативци одржаа молитва, благодарејќи му на Бога, веднаш откако дознаа каква е пресудата. За нив, таа го потврдува пртавото на верска слобода.

„Денеска Врховниот суд на САД со тесна и балансирана одлука кажа дека поединците не го губат фундаменталното човечко право само затоа влегле во бизнис со своето семејство“, изјави адвокатката Адел Кејм, застапник на тужителите. Случајот против владата го покренаа Хоби лоби, бизнис за ракотворби, и произведувачот на мебел Специјалитети од дрво Конестога. Христијанските семејства коишто се сопственици на овие бизниси одбиле да платат на своите вработени за контрацепција што се зема по сексуален однос, иако тоа го налага Законот за реформа на здравствената заштита. Здравственото осигурување за мнозинството Американци доаѓа од нивните работодавци.

Критичарите наведуваат дека судската одлука де факто го става личното верско уверување на сопственикот на еден бизнис над правата на нивните вработени. Свештеникот Бари Лин, којшто раководи со организацијата Обединети Американци за одвојување на црквата од државата, вели: „Ова им дозволува на некои компании во Америка да го поништат, да го избришат федералниот закон што ги штити жените, што ги штити верските малцинства, што ги штити оние кои немаат моќ“.

Но, одлуката со 5 наспроти 4 гласови, што покрива само неколку компании, не е толку широка како што некои стравуваа, смета Сара Поснер од магазинот Релиџ`н диспечис. „Тие (судиите, н.з.) немаа намера на одлуката да и` дадат верски базирана причина да дискриминира врз основа на раса, на пример, или за други типови на здравствено покривање – како вакцинации или крвна трансфузија“, коментира таа.

Па сепак, Врховниот суд за прв пат ги зеде предвид верските убедувања на корпорациите, и тоа може да има големи последици во нацијата којашто длабоко верува во верска слобода и приватното претприемништво.

XS
SM
MD
LG