Линкови за пристапност

Најголем проблем е иселувањето на луѓето од Балканот, рече Пендаровски на денешната средба со балканските лидери


Претседателот истакна дека целосно ја поддржува регионалната економска соработка, додавајќи дека економската агенда треба да биде пред политичката

Договорот од Преспа е важен за трговијата во Европа, а не само за билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Грција, изјави претседателот Стево Пендаровски, на денешниот виртуелен Самит на лидерите на Западен Балкан.

„До 2018 година, верувале или не, Скопје и Атина немаат направено ниту еден билатерален договор. И покрај генералната перцепција за Преспанскиот договор, тој во голема мера е насочен кон економската соработка. Двете држави се договорија за институционализација на структурален дијалог, опфаќајки гранични и бирокаратски процедури, и слободна размена на добра и услуги“, рече Пендаровски.

Тој истакна дека Договорот ѝ обезбедува на Северна Македонија слободен пристап до пристаништето во Солун, клучно за економијата на двете држави.

„Договорот е важен и за економијата на целиот Западен Балкан, како и за грчкиот извоз. По неговото потпишување се забележува јасно зголемување на трговијата меѓу Северна Македонија и Грција, за трговијата меѓу Грција и останатиот европски пазар, која се одвива преку наша територија“, нагласи Пендаровски.

Претседателот истакна дека целосно ја поддржува регионалната економска соработка, додавајќи дека економската агенда треба да биде пред политичката.

Пендаровски, заедно со лидерите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и на Србија, се договорија да воведат практични мерки за продлабочување на економската соработка, како и за справување со економските последици од коронакризата

„Економските иницијативи се многу важни, бидејќи се лек за најголемиот проблем во нашите општества, а тоа е заминувањето на луѓето од Балканот, првенствено барајќи подобра економска иднина за нивните семејства. Треба да најдеме решение за овој предизвик, а еден начин за подобрување на економските параметри во нашите држави е преку регионална соработка“, рече Пендаровски.

Три клучни заложби на балканските лидери

Прв заклучок од денешната средба е да се обнови регионалната заложба за имплементирање на слободите на движење на добра, услуги, капитал и луѓе.

Второ, лидерите се заложија за отстранување на бариерите кои го попречуваат економскиот развој, додека трета заложба е идентификација на речиси готови инфраструктурни проекти, со цел да се обезбеди брза распределба на фондови и идни инвестиции.

Целта на овие мерки е да се стимулира економското заздравување, да се зголеми регионалната конкурентност, и да се привлечат повеќе инвестиции.

САД, ЕУ и клучните институционални претставници ги поддржаа лидерските одлуки.

Зелени коридори до европските соседи

Лидерите се согласија да ги направат постојани, таканаречените зелени коридори, формирани за време на карантинот, со цел да осигураат непречен проток на сите приоритетни суштински добра, како и да го прошират концептот на коридорите со повеќе добра и до европските соседи, кога наесен повторно ќе се состанат во Софија.

Побрза дистрибуција на фондовите за КОВИД-19

Лидерите, исто така, се заложија да направат план за привлекување нови инвестиции во регионот, и за забрзано распределување на фондовите за справување со последиците од ковид-19.

Примарната цел на денешната средба на балканските лидери, организирана од страна на Атлантскиот совет во Вашингтон, беше да се надминат економските предизвици, како последица на поделеноста на регионот. Ограничувањата за слободно движење на добра, услуги и луѓе, заклучија учесниците, ги назадуваат регионалната економија и трговија за земјите-членки на ЕУ.

„Преку иницијативата на Атлантскиот совет за придвижување на Балканот напред, ние сме посветени да го поддржиме напредокот на Западен Балкан, кој е дел од трансатлантската заедница“, рече Дејмон Вилсон, потпретседател на Атлантскиот совет во Вашингтон.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG