Добивката од половина милион евра на спортска прогноза, која неодамна ја доби 48-годишен прилепчанец, стана вистински хит во Македонија и пошироко. Но, со оглед дека станува збор за најголемата добивка во Европа досега, според направената уплата од 910 денари, тоа е уште поинтересен податок. И жител на Охрид пред само неколку дена дојде до добивка од 80 илјади евра, со уплатени само 20 денари. Спортското обложување во земјава зема се` поголем замав, а Македонците важат за едни од најголемите и најстрасни обложувачи.
За македонските граѓани, спортското обложување претставува можност за економска добивка но, за некого може да биде и само забава. Во Македонија се регистрирани преку 550 спортски обложувалници.
Македонските обложувалници се најпосетени за време на викендите, кога се играат првенствата на најсилните европски лиги во фудбал.
„Ова не е коцкање, ова е забава. Имам големи добивки, но има многу големи мајстори во обложувањето. Околу 100 илјади денари имам добиено, тоа е убава сума, пензија за цела година е тоа“, вели еден граѓанин.
„Честопати доаѓам тука. Ме привлекува фудбалот. Сто денари трошам секој ден. Досега имам добиено неколку пати по 60 илјади, 80 илјади, па и 100 илјади денари“, вели друг граѓанин.
Од спортските обложувалници велат дека посетителите се на возраст од 18 до 80 години, но оти се` почесто се обложуваат и девојки.
„Се нудат секаков вид на игри. Имаме фудбал, кошарка, ракомет, пикадо, па дури и некои зимски спортови. Главно луѓето доаѓаат овде да се забавуваат..Имало случаи со помала сума уплатена да добијат поголема сума на пари“, рече вработениот во спортска обложувалница, Александар Златаноски.
Единствено истражување кое досега во Македонија е направено за спортското обложување, е она на Центарот за истражување и креирање политики пред неколку години. Резултатите тогаш покажале дека 37 отсто од населението во земјата се обложува, од кои 61 отсто се мажи, а 15 проценти се жени. Најголем дел од граѓаните вложувале околу 1.000 денари, додека има и такви кои вложувале и до 13 илјади денари месечно.
„За жал државата се уште не го гледа спортоското обложување како проблем туку го гледа како економска активност од кое истата има корист бидејки доста голем приход остварува од спортските обложувалници и персоналниот данок кој го наплаќа од добивките на индивидуланите играчи“, изјави Марија Ристеска од Центарот за истражување и креирање политики.
Од Министерството за финансии велат дека само во 2017-та година од посебната давачка од 20 проценти за обложувалниците, во државната каса влегле 405 милиони денари.
Facebook Forum