Најавите на некои од членовите на т.н „огнена група“ во ДУИ, за формирање на ново политичко движење, откако тие подолго време искажуваат јавно незадоволство од функционирањето на партијата, може да му наштети на ДУИ и на самото гласачко тело вели Сефер Селими од Демокраси Лаб.
„Ако би се формирала една таква политичка партија од видни членови и високи функционери на ДУИ, секако дека тие ќе бидат можеби првата политичка партија, која ќе може да привлече поголем број на гласачи кои традиционално би гласале за ДУИ“, смета Селими.
Со него се согласува и аналитичарот Џелал Незири. Оваа партија на последните избори доби околу 110.000 гласови.
Евентуалното отцепување на дел од гласачкото тело секако дека ќе се одрази врз бројот на пратениците кои оваа политичка партија би ги добилаЏелал Незири, аналитичар
„Евентуалното отцепување на дел од гласачкото тело секако дека ќе се одрази врз бројот на пратениците кои оваа политичка партија би ги добила. Но во овој контекст треба да се споменат и опциите кои ДУИ ги има пред себе, а тоа се предизборна коалиција со Алијанса за Албанците и ДПА но и други политички партии. Ако таа коалиција се случи, тогаш огнените нема да можат да наштетат на ДУИ“, вели Незири.
Што се однесува до тоа дали ДУИ после 20 години би можела да не биде дел од идната власт, тоа засега е рано да се прејудицира, бидејќи на крајот на денот одлучуваат бројките, а не нечии желби додава Селими.
„Ќе треба да видиме како настаните ќе се развиваат во иднина и дали опозициските албански партии претежно ќе можат да градат моментум во кои ќе го победат ДУИ на избори“, укажува Селими.
Ги прашавме Селими и Незири колку обвинувањата за корупција ќе одразат врз рејтингот на ДУИ меѓу Албанците.
Политичките партии кај нас градат клиентилистички односи со нивните гласачи и гласачите претежено гласаат за индивидуални причини, а не поради политичко претставувањеСефер Селими, Демокраси лаб
„Ќе има влијание но не до тој степен поради тоа што мислам дека веќе луѓето знаат дека функционери во ДУИ се корумпирани и сепак ги гласаат. И токму поради тоа што политичките партии кај нас градат клиентилистички односи со нивните гласачи и гласачите претежено гласаат за индивидуални причини, а не поради политичко претставување“, смета Селими.
„Се додека надлежните институции не покренат конкретен документиран случај и истиот да добие судски епилог, истиот да биде потврден од страна на надлежниот суд, се додека не се случи ова, целата кампања ќе се сфати како кампања која има етничка позадина, која доаѓа од кругови и партии кои се промотори на етно националистичката политика во Македонија“, укажува Незири.
Граѓаните се со поделени мислења што ќе биде со ДУИ, после сите овие случувања.
- „Би требало. Нека се менуваат зошто да не, можеби ќе биде подобро после. Би требало да влијае, кој е вмешан нека одговара“.
- „После педесет години. Нека си тера ова вака. Така сме научени“.
- „Тоа не се луѓе случајни. За ова што слушаме не можеме да заклучиме, дека вистински ќе излезат од партијата, ќе формираат своја партија. Во тој случај ќе има влијание, доколку останат како фракција во ДУИ мислам дека ќе се смири ситуацијата“.