Линкови за пристапност

Можеше ли ширењето на видеото од Нов Зеланд порано да се спречи?


Социјалните медиуми, Фејсбук и другите, се на удар бидејќи не реагирале доволно брзо

Социјалните медиуми прво им дадоа можност на корисниците да споделуваат содржини на интернет и со тоа да стигнат до други луѓе низ цел свет. Сега бараат луѓето да се воздржат од тоа.

Фејсбук и социјалните медиумски компании се бореа со сопствените услуги, обидувајќи се да ги избришат копиите од видеото, очигледно снимено од страна на напаѓачот кој уби 49 лица и рани уште триесеттина други во нападот на две џамии во Нов Зеланд во петокот.

Видеото се емитуваше во живо на профилот на осомничениот на Фејсбук, што го презедоа и други сервиси.

Според новинските извештаи Фејсбук го отстрани видеото од нападите 20 минути откако беше поставено во живо. Исто така беше затворен и профилот на осомничениот.

Но, многумина го снимија видеото и го поставија на други страници, вклучувајќи ги и Јутуб, Твитер и Редит.

Јутуб преку порака на Твитер соопшти дека „работи на отстранување на секоја снимка на насилство“. Во порака на корисник на Редит беше побарано од другите корисници да не го објавуваат видеото: „Ако го видите ова видео, веднаш пријавете кај модераторите.“

Работа за стопирање на видеото

И покрај брзата реакција на социјалните медиуми тие сепак се најдоа на удар дека не реагирале доволно брзо. Критичарите велат дека социјалните платформи треба да имаат подобар систем за лоцирање и отстранување на содржини, наместо систем кој помага во ширењето на она што еднаш е веќе постирано.

Еден од критичарите, Том Ватсон, член на британскиот парламент и заменик претседател на Лабуристичката партија го повика Јутуб, ако не може да го спречи ширењето на видеото од нападот во Нов Зеланд, да ги стопира сите видеа поставени на нивната страна.

„Ако Јутуб нема капацитет да го спречи ширењето на видеото од масакрот, бидејќи тоа се шири побрзо одошто стигнуваат да го отстранат, тогаш треба да ги суспендира сите нови прикачувања на видеа во овој момент“, напиша Ватсон во порака на Твитер.

Направено за споделување

Трката на компаниите да го избришат видеото од Нов Зеланд уште еднаш ја потенцираше дилемата со која тие се соочуваат, особено што дозволуваат стриминг во живо.

Изградени на содржини од корисниците, Фејсбук, Јутуб и другите долго даваа отпор на цензорирањето на тие содржини.

На распити во Вашингтон или во интервјуа за медиумите, раководителите на овие фирми кажаа дека невистинити информации не се косат со нивните услови за користење.

Правење на содржините тешки за наоѓање

Наместо да ги отстранат информациите што се сметаат лажни или неадекватни, компаниите како Фејсбук се обидуваат да ги форматираат со проверка на фактите или ги уназадуваат информациите на нивните сајтови што ги прави тешки за наоѓање.

Тоа се чини дека Фејсбук го прави со содржини кои се против вакцинирањето. Порано месецов, Фејсбук кажа дека ќе ги затскрие ваквите информации на своите платформи, вклучувајќи блокирање на рекламирањето на што содржи лажни информации за вакцините. Не кажа дека ќе ги отстрани корисниците што изразуваат/поставуваат такви содржини.

Но некогаш фирмите отстрануваат такви содржини. Минатата година, Фејсбук, Твитер и другите го отстранија од своите платформи Алекс Џонс, американски коментатор кој ширеше теории на заговор и поттинуваше омраза.

Повици да се стори повеќе

Изминатава година, компаниите како Фејсбук вработија повеќе луѓе за следење на содржините, со цел проблемите да се забележат побрзо, наместо да се остава на други корисници или на алгоритми на други фирми да посочуваат на проблематичните содржини.

Со видеото од пукањето во Нов Зеланд, Фејсбук и другите фирми се чини дека беа во чекор велејќи дека ќе го отстранат веднаш штом го најдат.

Но има повеќе повици за човечки и технички решенија кои можат брзо да го спречат ширењето на содржини додека се шири низ интернетот.

XS
SM
MD
LG