Линкови за пристапност

Собранието го почна процесот на уставни измени – власта повика на разум, опозицијата вели „државата не е на продажба“


Уставните измени влегоа во собраниска процедура со веќе познатите „рововски“ ставови на мнозинството и опозицијата. Процесот почна со денешната расправа во Комисијата за уставни прашања на која прв настапи премиерот. Ковачевски повика на разум од сите пратеници. „Да не мислиме само на себе, туку за доброто на државата и граѓаните. Се наоѓаме пред најважниот политички избор – или сите ќе бидеме победници, или сите ќе бидеме губитници“ – порача премиерот.

Во Собранието започна расправата за уставните измени
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:47 0:00

„Северна Македонија денес има неповторлива шанса да го направи клучниот чекор за да продолжи по интегративниот пат, а потоа по забрзан процес, во наредните години да стане членка на ЕУ. Уставните измени не загрозуваат ниту едно македонско идентитетско прашање и тоа е јасно и е цврст факт. Предлогот ги забрзува процесите за целосна интеграција во ЕУ, затоа граѓаните нема за што да бидат загрижени, а на нас како одговорни носители на јавни функции е тоа добро да го објасниме и да носиме мудри одлуки кои ќе носат перспективи и нема да ја загрозат државата во нова изолација“, рече премиерот Димитар Ковачевски.

„Овие измени се осудени на пропаст“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата предупреди, преку процесот на уставни измени, да не се прават нови поделби на проевропски и противевропски табори. Партијата на Христијан Мицкоски е јасна дека нема да дебатира и нема да ги поддржи измените зашто, како што рекоа од ВМРО-ДПМНЕ, Македонија не е на продажба.

„Уставни измени под диктат и уцени се невозможни и никогаш нема да ги поддржиме зашто тоа е директно кршење на суверенитетот на една земја. Суверенитетот произлегува од народот, а 80 проценти од народот вели `не` за вакво насилство од страна на власта. Имаме глува и слепа власт која за ден повеќе на функција е спремна да направи отстапки до целосно рушење и обезличување на државните и националните интереси“, рече Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Очекувано, поддршка нема ниту од другиот дел на опозицијата.

„Наместо да разговараме за Копенхашките критериуми, ние ќе преговараме каков бил Цар Самоил, Гоце Делчев, Илинденското востание. Не обезбедивте никакви државнички гаранции ќе нема вета од Бугарија, таа има шанса 35 пати да ни стави вето. Вето ќе ни стават и други земји како Франција што ни стави, како што ги излизгаа Заев... Вие сте недоветни да водите дипломатија и тоа треба да го прифатитет“, вели пратеникот од Левица, Димитар Апасиев.

„Им се обраќам на моите колеги Македонци – бидете убедени како што денеска стоиме со вас и на секој начин помагаме во евроинтеграциите, така ќе стоиме покрај вас и во иднина. Колеги, сметам дека нашиот глас ќе биде решавачки за иднината на нашата држава“, истакна пратеничката од ДУИ, Арта Биљали Зендели.

Комисијата за неколку часа ја заврши работата – со 10 гласа „за“ и 7 против го усвои заклучокот за пристапување кон измена на Уставот. Денешната седница е вовед во првата фаза од измените. За оваа етапа да биде успешна, на пленарната седница закажана за 18 август треба да добие поддршка од две третини од пратениците.

Ако има двотретинско мнозинство, што според актуелното расположение засега изгледа малку неверојатно, се преминува на втората фаза во која се утврдуваат нацрт-амандманите за што е доволно мнозинство од вкупниот број пратеници - 61 глас.

Потоа, овие нацрт-амандманите одат на јавна дискусија, се финализираат како предлог-амандмани и се враќаат во Собранието каде почнува третата, конечна фаза. За усвојување на амандманите повторно е потребно двотретинско мнозинство или најмалку 80 гласа.

XS
SM
MD
LG