Линкови за пристапност

Притисокот на јавноста сé посилен


Се преземаат дејствија „за утврдување на факти во врска со евентуално сторени кривични дела“

По медиумските објави и жестоките критики на социјалните мрежи, деновиве, за наводни злоупотреби при доделувањето на грантови од 10,5 милиони евра како помош за спроведување на проекти, по Јавниот повик од Фондот за иновации и технолошки развој, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал, денес испрати соопштение до јавноста во кое се вели дека оформило предмет „по допрен глас“. Основното јавно обвинителство презема дејствија „за утврдување на факти во врска со евентуалнo сторени кривични дела во постапката по јавен повик за финансирање на проекти“, во рамки на третиот столб од Планот на Владата за економски раст на раст на микро, мали, средни претпријатија – прв инвестициски бран.

Со оглед на фактот дека подoлго од деценија во Македонија реакциите на јавноста многу ретко беа земани превид од носителите, пред сé, на извршната власт, постапката на ОЈО, денес е вест во сите медиуми.

Реакциите во јавноста предизвикаа и објаснување на Фондот за иновации и технолошки развој, кој реагираше со соопштение до јавноста во кое се вели дека ги поздравува „сите повици да се испита работата на Фондот и се повикуваат сите надлежни органи да го сторат тоа неодложно“.

„Како и досега, остануваме целосно транспарентни и отворени за одговор на сите прашања и дилеми кои се поставуваат во јавноста“, порачаа од Фондот за иновации.

Реагираа и директно прозваните од медиумите, носители на функции - вицепремиерот Кочо Анѓушев и пратеникот од владеачката СДСМ Хари Локвенец, чии фирми во содружништво со други фирми, добиле грантови од Фондот.

Според Анѓушев, процедурата по која е спроведен првиот јавен повик од третиот столб на Планот за економски раст на Владата, е целосно транспарентна, па и за фирмата „Кастинвест“, во чија сопственост тој има удел: „Не смееме да дозволиме да се фрли каква било дамка на целиот процес кој патем, е кристално чист – транспарентни критериуми, јасно дефинирани услови и фер-шанса за сите кои ги исполнуваат – тоа се принципите врз кои ја градевме Програма за економски раст“.

„Со оглед на последните случувања и реакции во јавноста, сакам да истакнам дека јас сум делумно сопственик на повеќе фирми во Република Македонија кои вработуваат вкупно над 1.000 луѓе... Фирмите се развиваат согласно пазарните услови и треба да имаат фер третман. Јас не можам да бидам пречка и да го сопрам истото и да влијаам врз одлуките што ги носат доминатните сопственици. Не гледам причина зошто вработените во компаниите во кои имам удел, поради мојата функција, треба да бидат дискриминирани... Сепак, поради настанатата ерозија на вредностите и искривената перцепција која се има акумулирано во последните десет години, во услови на нетранспарентно управување и владеење, јавноста е разбирливо сензитивна. Со оглед на ова, ги повикав моите колеги косопстсвеници да ја преиспитаат одлуката за аплицирање на мерките од Планот за економски раст и да се повлечат“, стои во реакцијата на вицепремиерот Анѓушев

И пратеникот на СДСМ, Хари Локвенец, за медиумите изјави дека ги повикал содружниците од фирмата да се откажат од грантот од Фондот за иновации: „Ги повикав содружниците да се откажат од грантот од 160.000 евра... Мора да потенцирам дека во оваа држава мораме да ја градиме довербата во институциите и само така ќе ја изградиме европска Македонија за која сите сонуваме“.

За да се сопрат шпекулациите во делот од јавноста, која неговите одлуки ги оцени како контроверзни и етички сомнителни, Фондот за иновации излезе со тврдење дека по првата селекција која ја направиле 80 надворешни лица, конечнатa одлука за добитниците ја донеле странските членови на Комитетот за одобрување на инвестиции. Според Фондот, петтемина членови на Комитетот, избрани и именувани од Владата, ги разгледале и одобриле предлог-проектите за кои се барала финансиска поддршка. Лидерка на тимот била Кларис Бехар Молад, а членови - Авинаш Сахи, Глигор Ташковиќ, Доналд Луис ЈР и Николаос Георгулас.

Паралелно со овој случај, кој се закануваше да прерасне во афера за актуелната власт, министерот за здравство Венко Филипче, соопшти дека поради пoстоење одредени неправилности во документацијата, на што укажала првичната евалуација, е донесена одлука за прекин на тендерската постапка за набавка на тестови и реагенси за биохемиски, имунолошки, хематолошки и гасни анализи.

Според министерот, на тендерот се јавила само една фирма, која според медиумите, била формирана пред само три месеци. Иако Законот за јавни набавки дозволува да се склучи договор со една фирма понудувач, тендерот вреден 35 милиони евра, кој е дел од проектот за централизација на лабораториите во јавните здравствени установи, по реакциите во јавноста, сепак, е анулиран, зашто Министерството сметало дека е „некоректно да се склучи договор“.

Сепак, министерот Филипче тврди дека немало никаков притисок да се поништи тендерот од ниту една страна: „Разбирам дека кај јавноста има сомнеж за тоа како се прават набавките, со оглед на тоа како претходно се работело и за што веќе има и отворени постапки, но немаше никаков притисок за да ја донесеме одлуката... Сакаме овој модел да успее заради тоа што знаеме дека креира заштеда, ја подобрува функционалноста и сервисот на нашите граѓани. Во таа насока ќе одат следните постапки“, истакна Филипче.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG