Секретарката за финансии Џенет Јелен отпатува во Кина каде се очекува да има разговори на високо ниво, чија цел е понатамошно стабилизирање на финансиските и економските врски меѓу двете најголеми економии во светот.
За време на посетата, таа, исто така, се очекува да ја притисне Кина околу субвенциите за чиста енергија и индустриски прекумерен капацитет за кои таа неодамна забележа дека „ги повредува американските компании и работници, како и компаниите и работниците ширум светот“.
Патувањето од 3-ти до 9-ти април е второ патување на Јелен во Кина и доаѓа еден ден откако американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот лидер Шји Џјинпинг разговараа телефонски прв пат по средбата во ноември минатата година. Нејзината посета се случува во време кога се интензивира контролата на Пекинг пред претседателските избори во САД, а Вашингтон ги заостри ограничувањата на продажбата на високотехнолошки стоки во Кина.
По 105-минутниот телефонски разговор, Шји го предупредил Бајден дека САД „создаваат ризици“ со потиснување на кинескиот трговски и технолошки развој, објави државната новинска агенција Ксинхуа.
Висок претставник на Одделот за финансии во САД, кој ги информираше новинарите пред патувањето, рече дека покрај состаноците со кинескиот вицепремиер Хе Лифенг и други сегашни и поранешни претставници на централната власт, Јелен ќе се сретне и со студенти, професори и деловни лидери.
Нејзината посета започнува со дводневна посета во јужниот град Гуангжу, каде Јелен ќе одржи дискусија на тркалезна маса со економски експерти за да разговара за предизвиците и можностите на кинеската економија, но ќе се сретне и со американските бизнис лидери и гувернерот на провинцијата Гуангдонг, Ванг Веижонг.
Во Пекинг, Јелен ќе се сретне и со студенти и професори на Универзитетот во Пекинг и со некои од водечките кинески економисти.
Минатата недела Јелен рече дека не сака да се фокусира на одмазда, но ќе ја предупреди Кина за влијанието што го има нејзиното национално преземање на енергија и други компании за време на нејзината посета.
„Имам намера да разговарам со Кинезите кога ќе ги посетам за вишокот капацитет во некои од овие индустрии и да се уверам дека тие го разбираат непосакуваното влијание што ова го има - преплавување на пазарот со евтини стоки - врз САД, но исто така и во многу од нашите најблиски сојузници“, рече Јелен.
Нејзините забелешки доаѓаат за време на посетата на фабрика за производство на сончева енергија во Џорџија - една од неколкуте клучни држави во движење на претстојните претседателски избори.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека, доколку биде избран, ќе воведе царини за Кина кои би можеле да бидат повисоки од 60 отсто.
Кон крајот на февруари, американскиот Оддел за трговија започна истрага дали кинеските возила претставуваат закана за националната безбедност поради податоците што ги пренесуваат. Американските законодавци, исто така, го повикуваат Бајден да ги зголеми царините за кинеските електрични возила. ЕУ, исто така, ги истражува субвенциите на Кина за индустријата за електрични возила.
Во средата, Европската комисија објави истрага за субвенциите што можеби ги добиле две компании за соларни панели во кинеска сопственост. Двете компании се претенденти во јавната понуда за соларна енергија во Романија.
Мандаринскиот сервис на Гласот на Америка придонесе за овој извештај. Некои информации се од Ројтерс и Франс прес.