СКОПЈЕ – „Унгарскиот кредит“ тежок половина милијарда евра ги скара власта и опозицијата откако Законот влезе во собраниска процедура но по скратена постапка. Опозициската СДСМ најави дека ќе го блокира носењето доколку не оди по редовна постапка и дебата, од владејачкото мнозинство пак велат дека Законот ќе се донесе и дека каматата е далеку пониска од онаа која ја плаќала претходната Влада.
Според СДСМ во заемот од половина милијарда евра има скриени трошоци и е коруптивен а предлог законот има нелогичности и затоа мора да оди по редовна постапка со експертска дебата. Токму затоа претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска, нема да го стави на дневен ред.
„Предлог Законот, што веќе влезе во собраниска процедура по скратена постапка и со кој Владата на ВМРО ДПМНЕ ќе ги задолжи граѓаните со 500 милиони евра кај Унгарската експорт – импорт банка е одлука без преседан. Со носење на овој Закон по скратена постапка целта на Владата е јавноста и граѓаните да бидат лишени од можноста детално да слушнат што се крие зад ова задолжување. ВМРО-ДПМНЕ го скрати правото на дебата и вклучување на експертската јавност во процесот на носење на самиот закон. Ова јасно упатува на заклучокот дека владата има многу што да скрие во овој закон. Сите овие постапки го потврдуваат ставот кој јас лично и СДСМ го кажавме по однос на ова задолжување, а тоа е дека е коруптивно и ја носи државата во должничко и политичко заложништво на Унгарија“, изјави Филипче.
Филипче смета дека не постојат јасни критериуми и механизми за распределба на позајмените пари, не постои јасно утврден систем за контрола на трошењето на парите, нема јасни одредби во законот кои тоа го гарантираат и има точки каде се кријат скриени трошоци па затоа недозволиво и крајно неодговорно да се носи овој закон во скратена постапка.
„Во самиот закон постојат јасно видливи членови и елементи со кои се потврдува огромната корупција. Би сакале да посочиме неколку клучни точки од законот со кој се потврдува договорената корупција и бизнис со овие пари. Најважно, ова задолжување е договорено уште кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, целосно вонинституционално и во четири очи. Како што тогаш бил договорен законот, надвор од сите процедури, така и сега Владата сака да го изгласа надвор од секаква дебата или анализа. Ова СДСМ го смета за скандал“, нагласи Филипче.
Затоа претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска нема да го стави предлог законот на дневен пред со што евентуално би се блокирало неговото носење.
Премиерот Мицкоски пак изјави дека очекувал ваков потег од опозицијата, кажа дека каматата која се плаќа е далеку пониска од камата која ја плаќале неговите претходници но и дека предлог законот ќе помине во Собранието.
„Вистинската намера на опозицијата е стравот бидејќи ако овие средства се вложат на начин на кој планираме да ги вложиме, ние ќе добиеме политички бенефит од сето ова и на тој начин преку реализација на проектите во општините и поддршка на бизнисот конечно, после долго време застој и уназадување, државата ќе почне да чекори напред. Тоа е вистинската суштина. Деловникот е јасен, има таму период кога треба да се стави оваа точка, доколку не се стави, што се прави итн. Тоа ќе прави. Опозицијата, претпоставувам Левица – ДУИ – СДСМ, ќе се обидат, дури мислам дека и на недемократски начин, да ја опструираат работата на Комисијата“, изјави Мицкоски.
Доколку Лукаревска не го стави на расправа во комисијата, собранискиот деловник предвидува дека, седницата може да ја свика и претседателот на Собранието, со што законот ќе биде одблокиран. Расправата во комисијата, без оглед на бројот на амандманите, трае максимум три дена.
Мицкоски кажа дека провизијата од околу 70 илјади евра која е предвидена приватна унгарска компанија избрана од страна на Унгарската експорт-импорт банка се стандардни за ваков тип на заеми.
„Видете цената којашто ја плаќаме за оваа половина милијарда е некаде приближно, вчера кажав на прес-конференција е 0,1 процент. Но таа е 0,04 проценти тоа е за адвокатски услуги итн. Процес кој е стандарден за ваков тип на заеми. Направив анализа колкава провизија плаќала владата на СДСМ и ДУИ во периодот во која таа се задолжувала преку емисија на државни обврзници на меѓународниот пазар. И таа провизија тие што ја плаќале се движи од 12 до 20 пати повеќе од тоа што ние сега како адвокатски услуги го плаќаме за овие 500 милиони. Ќе повторам од 12 до 20 пати“, кажа Мицкоски.
Според најавите на Владата по 250 милиони евра од „унгарскиот кредит“ ќе добијат бизнис заедницата и општините за капитални проекти. Каматната стапка на кредитот е 3,25 отсто, а рокот на отплата е 15 години со вклучен три години грејс период и кредитот ќе се отплаќа до 2039 година.
Претходно, во април годинава, унгарската Влада повлече кредит од една милијарда евра од три кинески банки (Кина развојна банка, Ексим банка и унгарската филијала на Банката на Кина), каматната стапка не е позната а рокот на отплата е до 2027 година.