Линкови за пристапност

Саудиска Арабија станува нервозна заради домашното незадоволство


Саудиска Арабија станува нервозна заради домашното незадоволство
Саудиска Арабија станува нервозна заради домашното незадоволство

Аналитичарите кои ги следат народните востанија што сега потресуваат голем дел од арапскиот свет, започнуваат да се прашуваат дали тоа може да се прошири и на Саудиска Арабија, апсолутистичка монархија што е најголем извозник на нафта во светот и клучен сојузник на САД.

Кога со народно востание беше соборена владата на Тунис во јануари, стручњаците предвидоа дека ќе има слични револти во други арапски држави со авторитарни влади. Брзо едно по друго, востанија избувнаа во Египет, Јемен, Јордан и Либија и во островската држава Бахраин, во непосредна близина на Саудиска Арабија.

Но и покрај немирите околу кралството, многу експерти продолжуваат да инсистираат дека востание е малку веројатно во конзервативно општество како Саудиска Арабија. Не се согласува секој со ова. Неколку илјади Саудијци се приклучија на Интернет групи кои повикуваат на „Ден на лутина“ – протест во главниот град Ријад, во петок, 11 март. Целта е да се поттикнат политички и социјални реформи во саудиското кралство што е цврсто контролирано. Како дополнение на тоа повеќе од 100 водечки саудиски академици, активисти и бизнисмени потпишаа петиција минатиот месец поттикнувајќи го Кралот Абдула да воведе сеопфатни реформи, вклучувајќи воспоставување на уставна монархија.

Јавни демонстрации се незаконски во Саудиска Арабија, а саудиската култура е многу традиционална, така што многумина се против јавно покажувањена граѓанска непослушност. Познавачи на состојбите во земјата велат дека ќе биде потребно време за промени зашто кралството нема политички партии ниту парламентарен систем. Многумина се согласни дека овде е потребен дијалог за потребните реформи, а не промена на режимот.

Веројатно реагирајќи на немирите во соседството, Кралот Абдула неодамна објави 37 милијарди долари пакет за помош вклучувајќи и простување на долг и 15-процентно зголемување на платите заради растење на трошоците за живот за вработените во јавниот сектор. Тој исто така им понуди заеми без камата на оние кои стапуваат во брак или започнуваат бизнис.

Но за потписниците на петицијата од минатиот месец, финансиските поттици не се доволни. Тие повикуваат на големи реформи во политиката, вклучувајќи го правото за формирање политички партии и правото за избирање на Шура Совет. Под апсолутистичката монархија, Шура Советот не е легислатура, туку само консултативно собрание, а неговите членови се именувани од кралот.

Не е јасно дали притисокот за политички реформи во Саудиска Арабија ќе доведе до најавените протести во петок. Ако тоа се случи, саудискиот министер за внатрешни работи рече дека ќе стори се` што може да се зачува стабилноста. И ако има насилство, администрацијата на Обама може да е соочена со нов предизвик на балансирање на своето сојузништво со саудиското кралско семејство и потенцирањето на почитувањето на правото на слобода на говор и мирно собирање.

XS
SM
MD
LG