Линкови за пристапност

Сѐ почна од мојот осми роденден: Деведесет отсто од жртвите на трговијата со луѓе се малолетнички


После тоа ме праќаа по улици да просам, а постарата сестра веќе просеше по улици, раскажува жртва на трговија со луѓе
После тоа ме праќаа по улици да просам, а постарата сестра веќе просеше по улици, раскажува жртва на трговија со луѓе

На возраст од 12 до 17 години се најголемиот број девојчиња кои стануваат жртви на трговија со луѓе во Северна Македонија. Сериозен проблем станува и онлајн трговијата, при што интернетот станува алатка за регрутација и експлоатација на жртвите. Автор Мики Трајковски.

„Се почна после мојот 8-ми роденден. Имавме и торта и после тоа татко ми почна многу да пие и се караа со мајка ми постојано. И така се растури сѐ“.

Така раскажува една од жртвите на трговија со луѓе, чие сведоштво е дел од документарниот филм „Излез“.

„После тоа ме праќаа по улици да просам. Постарата сестра веќе просеше по улици. Еден ден таа ми кажа за едно место, еден празен хотел“, раскажува жртвата, чиј идентитет не се открива.

Но, нејзината голгота не завршува тука. Кога имала само 11 години, тогашниот нејзин партнер, кој бил постар од неа ѝ наоѓал клиенти, а парите ги земал за себе. Подоцна била сместена кај баба ѝ.

Баба ми насила ме омажи со еден глувонем и тој многу ме малтретираше сексуално
Жртва на трговија со луѓе

„Баба ми насила ме омажи со еден глувонем и тој многу ме малтретираше сексуално. Не можев да издржам и избегав пак кај баба ми. Но таа пак ми најде друг дечко и пак ме омажи. Тогаш имав веќе 14 години“, раскажува жртвата.

Оваа девојка, чија што судбина е прикажана во документарниот филм „Излез“ е само една од жртвите на трговија со луѓе во земјата. Таа сега има 15 години и е сместена во згрижувачкиот центар на невладината организација, „Отворена порта – Ла Страда “, каде добива психосоцијална, здравствена и правна помош и продолжува со образование. Денес е целосно излечена од зависности.

„Минатата 2023 година, кај нас во центарот за жртви на трговија со луѓе беа сместени вкупно 11 жртви и потенцијални жртви на трговија со луѓе, кои што се девојчиња на возраст од 10 до 17 години. Според нашите податоци најмалата возраст е осум годишно девојче“, вели Билјана Јовановска од „Отворена порта – Ла Страда“.

Таа вели дека состојбата со трговија со луѓе во Северна Македонија е загрижувачка, затоа што 90 отсто од жртвите во последните неколку години се девојчиња на возраст од 12 до 17 години, што ја нагласува итната потреба од интервенции од државата за заштита и подршка на оваа ранлива категорија.

Според нашите податоци најмалата жртва е осумгодишно девојче
Билјана Јовановска, Отворена порта – Ла Страда

„Сепак многу е мал е бројот на идентификација кај нас на жртви на трговија со луѓе. Сметаме дека оваа бројка не е реална бројка и дека државата треба малку повеќе да работи на идентификација и откривање на жртвите на трговија со луѓе“, додава Јовановска.

Со развојот на технологијата, сериозен проблем станува и онлајн трговијата. Интернетот станува алатка за регрутација и експлоатација на жртвите, особено на децата.

„Во нашата држава веќе е идентификуван еден случај на онлајн експлоатација пред две години и тоа со најранливата категорија, дете на возраст од 14 години, кое било мета на онлајн предатор уште од 9-годишна возраст. Случајот е со меѓународни размери. Сторителите се повеќе од балканските држави, кои биле поврзани во една цела балканска мрежа, каде експлоатирале дете“, вели Јовановска.

Најчесто факторите на ранливост, кои ги карактеризираат повеќето жртви се сиромаштијата, родовата дискриминација, семејното насилство, возраста, здравствената состојба. Во центарот на „Ла Страда“ моментално се сместени шест девојчиња, а од 2005 година, откако тој е отворен, низ него поминале повеќе од 200 жртви.

Во првите пет месеци од 2024 година, не се регистрирани случаи и не се поднесени кривични пријави за сторени кривични дела „трговија со луѓе“.

И минатата 2023 година полицијата нема поднесено кривични пријави за „трговија со луѓе“, додека преку апликацијата „Црвено копче“ примени се две пријави за трговија со луѓе.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG