Линкови за пристапност

Без УСАИД – на цедило


Повлекувањето на организацијата од Русија по барање на тамошните власти ќе биде на штета на цивилното општество во земјата, тврдат американски аналитичари.

Американските власти најавија дека ќе го почитуваат барањето на Русија за прекин на сите програми на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) во земјата, иако изразија жалење за таквата руска одлука. Некои аналитичари веруваат дека потегот на официјална Москва ќе наштети на невладините организации чии каузи се демократијата и човековите права.

Табеларен приказ на помошта на УСАИД за Русија по години
Табеларен приказ на помошта на УСАИД за Русија по години
Портпаролката на Стејт департментот Викторија Нуланд коментираше дека САД се исклучително горди на постигнувањата на УСАИД во Русија изминативе 20-тина години, во области како што се животната средина и здравјето.

„А во однос на поддршката за граѓанското општество, демократијата, човековите права и правната држава, ќе продолжиме да соработуваме со оние Руси во граѓанското општество кои сакаат да соработуваат со нас“, најави Нуланд.

УСАИД има помогнато на некои од најпознатите руски граѓански здруженија, како Голос, на пример, московската единствена независна организација за мониторинг на изборите, и една од водечките за човекови права во земјата.

Дејвид Крамер, претседателот на Фридом Хаус, кој во владата на поранешниот претседател Џорџ В. Буш беше виш претставник на Стејт департментот, смета дека токму организациите како Голос и Меморијал ќе претрпат најголема штета.

„Одлуката ги остава сами, тоа е тежок удар. Некои од нив можеби претпоставија што ќе се случи и можеби имаат план што да сторат, но дел од нив се зависни од финансирање однадвор и без него се во ризик да прекинат со работа. Додека тие се обидуваат да го кренат гласот, ние се повлекуваме. Тоа, според мене упатува ужасно лоша порака“, смета Крамер.

Директорот на Фридом Хаус тврди дека катанецот на врата за УСАИД во Русија е бездруго дело на рускиот претседател Владимир Путин.

„Ова е најновиот чекор на Путин против граѓанското општество во Русија, по легислативата што се заканува на невладините организации со етикетирање како „странски агенти“, повисоки казни за протестирање, повторна криминализација на клеветата, рации во домовите на опозиционите водачи, апсење на оние со кои се во брак, истраги за нивните семејства. Ова е нов чекор за истиснување на странските финансиери како УСАИД од Русија“, обвинува Крамер.

Исто мисли и Маршал Голдман, стручњак за Русија и почесен професор на Универзитетот Харвард.

„Ако сте активни во Русија и Путин ве зел на нишан, бездруго би биле загрижени поради тоа, затоа што никогаш не знаете што ќе ви се случи“, коментира Голдман.

УСАИД има рок до 1-ви октомври да замине од Русија.
XS
SM
MD
LG