Откако американските разузнавачки агенции во јануари минатата година издадоа извештај каде тврдеа дека руските медиуми и Кремљ влијаеле на претседателските избори во 2016-та година, медиумите добија непријателски третман.
Прво, САД побараа од РТ, медиумска куќа поврзана со Русија, да се регистрира во согласност со Законот за регистрација или ФАРА, донесен пред 80-години, за да се спротивстави на нацистичката пропаганда за време на Втората светска војна.
Како одговор на тоа, рускиот претседател Владимир Путин, потпиша закон со кој странските медиуми треба да се означат како „странски агенти“.
Гласот на Америка, Радио Слободна Европа/Радио Либерти и неколку други поврзани проекти со поддршка од владата на САД, беа додадени на листата.
Потоа, руската државна медиумска куќа Спутник, неделава објави дека САД ја принудувале нејзината матична компанија РИА Глобал, да се регистрира под ФАРА до почетокот на февруари.
Во изјавата објавена на интернет, руската амбасада во Вашингтон го нарече потегот „неприфатлив“ и тврдеше дека руските новинари се соочуваат со проблеми со визите, како и вознемирување од страна на американските безбедносни служби.
Додека САД ги негираа овие обвинувања, Русија предупреди дека ќе се применат реципрочни мерки без притоа да се образложат.
Сепак, медиумското прашање не беше единствената иритабилна врска за улогата на Русија во американските избори.
Кремљ денеска го осуди извештајот на американскиот Конгрес објавен од страна на демократите, во кој Русија се обвинува за долготраен и асиметричен напад врз демократијата во САД и на други места.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, рече дека извештајот е дел од тековната „неоснована“ кампања против Русија.
Главниот и одговорен уредник на РТ Маргарита Симонијан, пак се обиде да го претстави извештајот како „здодевен“.
„Разбудите ме за пет години, кога нема да најдат ништо и ќе мора да признаат дека немало мешање на Русија во САД“, рече таа.
Но сепак, прашањето нема да исчезне наскоро.
Додека Конгресот има повеќе тековни истраги за вмешаност на Русија во американските избори, руските законодавци спроведуваат свои.
Од клучен интерес за руската Дума, е како американските медиуми би можеле да влијаат врз претседателските избори во Русија, кои се закажани за март 2018-та година.
Facebook Forum