Линкови за пристапност

Балканот кон НАТО, со намалување на руското влијание


Црна Гора е на пат да стане 29-та членка, Србија е неутрална, а Босна и Херцеговина и Македонија, и натаму тежнеат за членство во Алијансата

Во време кога министрите за одбрана на НАТО се среќаваат во Брисел да разговараат за напорите да ја одвратат руската агресија, тензиите се зголемуваат какви што не се видени од времето Студената војна, и тоа ќе биде дел од средбите на министрите за надворешни работи на Централна и Источна Европа, кои се среќаваат утре во поранешна Југославија.

Фокус на агендата на годишниот состанок на Централно-европската иницијатива (ЦЕИ) во Бања Лука, ќе биде мигрантската криза во Европа, како и економијата, транспортот и енергетските прашања.

Групата, составена од 18 членки, исто така се очекува да разговара за плановите за влез во евроатлантската алијанса (НАТО) на некои балкански нации, чија сигурност се чини дека е под закана од руската експанзија.

Министрите за надворешни работи на НАТО, во мај потпишаа протокол за пристапување на Црна Гора, поплочувајќи го патот на Подгорица, во јули да стане 29-та членка на Алијансата.

Босна и Херцеговина и Македонија исто така тежнеат за членство во НАТО, додека Србија, најсилниот сојузник на Русија во регионот, засега останува неутрална.

Албанија и Хрватска станаа НАТО членки во 2009-та година.

Ширењето на НАТО во регионот ја јакне безбедноста на Балканот, но и исто така го слабее и влијанието на Москва меѓу поранешните советски републики и нивните сојузници.

„За Русија е сигнал што многу кажува. Тоа е губење на нејзиното традиционално влијание во многу држави во Централна и Источна Европа“, изјави Виктор Мизин, од Институтот за меѓународни односи на државниот универзитет, и додаде дека „сега е ред на Балканот“.

Додека сите балкански држави ги насочија напорите за зачленување во НАТО години наназад, руската агресија во Украина само го насочи патот кон НАТО, вели Александар Голтс, независен воен аналитичар во Москва, како и вонреден истражувач на универзитетот Упсала во Шведска.

„Мислам дека е чист пример за рускиот „успех“ во надворешната политика, која најблиските сојузници на Русија се обидуваат да избегаат од него што е можно побрзо“, изјави тој преку Скајп, за московското биро на Гласот на Америка, и додаде:

„Се разбира, тоа е резултат на „успехот“ на Русија во Украина и Крим“.

Министрите на НАТО во вторникот се договорија да распоредат четири баталјони, кои ќе ротираат во Естонија, Латвија, Литванија и Полска.

Русија одговори со брзи воени вежби низ државата. Во мај, Русија стационира три воени дивизии на нејзината западна граница.

„Нема сомнеж дека ширењето на НАТО на Балканот, ќе ги влоши веќе напнатите односи меѓу Русија и Алијансата“, изјави Илја Кравченко, експерт за Рускиот совет за меѓународни односи.

“Како одговор на ширењето на НАТО на Балканот, Кремљ ќе се обиде да манипулира со народот на Србија или на Македонија, заживувајќи го нивното незадоволство кон Владата“, рече Кравченко.

Економската казна е доста веројатна, вели тој.

„Всушност, руските официјални лица може да воведат мерки, кои би резултирале со намалување на туризмот во тие поранешни југословенски држави“, смета Кравченко.

Но, влезот во НАТО на балканските држави не само поради пари.

„Членството во НАТО е многу важен чекор, кој ќе покаже дека овие држави се подготвени да бидат силни членки на евроатлантската заедница, дека ги разбираат и прифаќаат правилата, идејата за владеење на парво и за избори без какви било ограничувања“, вели Голтс.

ЦЕИ е формирана во 1989 година да ја поддржи европската интеграција.

XS
SM
MD
LG