Наместо намалување на бројот, новата Влада ќе има четири нови министерства. Ова е предвидено со измените на Законот за организација на работата на органите на државната управа, кој беше изгласан од новиот парламентарен состав.
Но, дали станува збор за оправдан потег или не?
Универзитетскиот професор Јове Кекеноски вели да. Според него, оваа Влада со себе носи нова политика и треба да се реализираат сите ветувања од нејзината програма.
„Очигледно дека постојната структурна поставеност на постојните министерства не може да одговори на поставените задачи и на ветувањето пред граѓаните. Овој Закон овозможува да се изврши една сериозна реформа која и беше потреба на оваа држава многу одамна. Ако имате нефункционални, троми, инернтни министерства, нормално е да направите нешто да тие бидат функционални“, вели Кекеноски.
Тој додава дека досега имало голем број преклопувања на надлежности, на штета на граѓаните, бизнисот и економијата. Со промените смета дека на одредени гранки, кои досега функционирале во рамките на одредени министерства, им се дава поголемо значење.
Но, новинарот Зоран Иванов смета дека ваквиот потег воопшто не е оправдан. Според него, станува збор за математичко-кабинетско решение.
„Да се обезбедат што повеќе места за партиски функционери и да се обезбедат функционерски места, не обични административни места. На крајот ова мислам дека се прави за мир во куќа, стабилна коалиција и долго владеење. Да нема отпори внатре меѓу политичките партии кои ја сочинуваат власта. Дваесет и четири министри нема ниту една Америка и мислам дека ова не е реформски потег“, вели Иванов.
Ова влијае негативно врз соработката и довербата на граѓанското општество со креаторите на јавните политики
Реагираат и од платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.
„Формирањето на нови министерства и реорганизацијата на системот на државната управа без претходна длабинска анализа за оправданоста на предлогот е неприфатливо. Укажуваме дека ова влијае негативно врз соработката и довербата на граѓанското општество со креаторите на јавните политики“, велат од платформата на граѓански организации за борба против корупција.
Со измените, некогашното министерство за економија, прераснува во министерство за економија и труд. Министерството за труд и социјална политика, сега ќе биде Министерство за социјална политика, демографија и млади.
Агенцијата за млади и спорт прераснува во Министерство за спорт. Ново Министерство е и она за енергетика, рудници и минерали.
На министерството за култура му се додава туризмот, додека министерството за информатичко општество и администрација се дели на две, Министерство за дигитализација и Министерство за администрација.
Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците станува Министерство за односи меѓу заедниците.